Сите свадби закажани за пролетва и летово се откажани или презакажани за наесен. Матичните служби исто така ги откажуваат венчавките, а граѓански бракови склучуваат само оние двојки на кои им се брза односно кои очекуваат принова. Од Управата за водење на матични книги за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека овој период од годината односно во мај и јуни имаат најмногу свадби, по 350 месечно. Но, поради состојбата и мерките кои ги воведе Владата откажани се речиси сите свадби, а со тоа не венчаваат ниту матичарите. За разлика од лани како што велат матичарите кога буквално не можеле да постигнат, сега можат да се избројат на прсти паровите кои решиле да склучат граѓански брак.
„Они парови на кои им се брза поради бременост или некоја друга причина ги венчаваме во општинските матични служби, но церемонијата трае многу кратко, не повеќе од 10 минути. На венчавката можат да дојде само по еден сведок на младенците и толку. Роднини, пријатели, зурли, тапани пред матично нема. Сите носат маски и заштитни ракавици. Можам да кажам дека од 350 венчавки кои сме ги имале овој период, сега има едвај 10 месечно“, велат од Управата за водење на матични книги.
Министерот Венко Филипче вчерашната прес-конференција на прашањето дали летово ќе може да се организираат свадби кажа дека кога ќе се отворат рестораните ќе има одредени критериуми за тоа како ќе бидат наместени масите и ќе се укаже да има дистанца меѓу гостите.
Сопствениците на скопските ресторани за свадби со кои разговараше редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека сите свадби во овој период од крајот на април кога завршуваат велигденските пости па до јули им се откажани веднаш откако биле воведени мерките на Владата за забрана за работа на угостителските објекти и прогласувањето на вонредна состојба.
„Дел од младенците ги презакажуваат свадбите за наесен, дел за догодина, но има и такви кои целосно ги откажуваат бидејќи им се брза, па се откажуваат од свадбена веселба. Се надеваме дека од есен ќе почнеме да работиме, инаку нема да можеме да издржиме, ќе претрпиме големи загуби“, вели сопственик на еден скопски ресторан за свадби.
Целиот текст прочитајте го на Сакам да кажам ТУКА.