Законот за попис експресно помина во прво читање

ИЗВОРНов Лист
|

Законот за попис кој се носи по брза постапка експресно помина на Собраниската Комисија за европски прашања денеска во прво читање со десет гласа за и ниту еден против и воздржан, иако за него можеше да се дебатира три дена.

Законот кој се носи со европско знаменце сега преминува во натамошна собраниска процедура како Предлог-закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, согласно кој треба да се овозможи одржување на оваа статистичка операција наредната година.

Истиот беше едногласно поддржан од пратениците-членови на Комисијата од опозицијата, кои се согласија дека има потреба од донесување вакво законско решение, но искажаа повеќе забелешки на предлогот и најавија амандмни за подобрување на текстот на законот за, како што велат, да не трпи политичко влијание.

Законот пред пратениците го образложи заменик-министерот за правда Агим Нухиу. Тој појасни дека во рамки на оваа статистичка операција ќе можат да се попишат државјани на Република Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, без разлика дали во моментот на пописот се наоѓаат во државата или во странство.

Предвидено е за лицата-државјани на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2020 година на посебна апликација која е достапна на веб страницата на Државниот завод за статистика.