Снегот се враќа, а времето ќе биде уште постудено

|

Следува период на умерено до значително облачно и студено време со умерен до засилен северен ветер, најизразен вдолж Повардарието. Во петок попладне, во текот на ноќта и во сабота ќе има повремени локални врнежи од снег, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.

Минималната температура во петок ќе се движи од минус 5 до 3 степени, а максималната од 3 до 11 степени. Во сабота, слично време со минимална температура од минус 5 до 2 степени и максимална од 0 до 7 степени.  За недела УХМР прогнозира утрински температури до минус 8, за понеделник до минус 10, а за втриник и до минус 11.

Најголема снежна покривка денеска изутрина имаше на Попова Шапка – 57 см, Маврови Анови – 40 см, Пожаране – 19 см, Крушево – 17 см, Берово и Тетово по 6 см, Виница – 5 см и Ѓуриште – 2 см.

Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди почести во јужните делови, ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, особено вдолж Повардарието. Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 9 степени. Во Скопје претежно облачно време со умерен, повремено засилен северен ветер.