Најпрво се слушна силна бучава, ечеше планината, а потоа дојде потресот, како да ги корнеше куќите од темели. Вака раскажуваат жителите на потпелистерските погранични села, кои најмногу го почувствуваа земјотресот на 9 јануари, со магнитуда од 5,6 степени, најсилен во последните 100 години во битолскиот регион. Старите селски куќи, градени од камен , претрпеа најмногу штети, па сега сите стравуваат да влезат дома, посебно на горните катови.
-Овој ѕидот ми се чинеше надолу слегува, многу страшно, ми е страв дома да влезам со детето. Горе цела куќа е падната, вели Менка Николовска жител на Велушина.
-Уште еднаш ако задрма ќе падни целиот ѕид, вели Живко Стојковски, жител на Велушина
-Овде се куќите претежно на спрат, горните спратови сите се испукани, не само малтерот, туку се распаѓаат ѕидовите, изјави Раде Митковски, жител на Велушина
Месното население и од овие села веќе ги пријавува штетите од земјотресот.
-Пријавивме во општината, сликавме и однесовме слики. Ни рекоа дека после 26 јануари ќе дојде комисијата да види, рече Ветон Џиковски – жител на Велушина
Штетите се пријавуваат, не можат сите да ги пријават, некои не се сопственици, се водат на кој знае кој, стари се прастари, вели Раде Митковски – жител на Велушина
Земјотресот сепак најголеми штети предизвика на манастирот свети Ѓорѓи над село Велушина, сместен на речиси 900 метри надморска височина и стар два века. Жителите апелеираат што посокоро да се интервенира затоа што може целосно да се распадне.
-Штети има огромни во цркавта, иконостатост, фрески, икони оштетиени. Оштетена е и камбанаријата, не може да се бие. Паднат е западнат ѕид на конаците, прашање е кога чатијата ќе падне од овие потреси, вели Стево Петров, домаќин на манастирот Св Ѓорѓи во Велушина
Епицентарот на земјотресот е во близина на граничната линија, во соседна Грција, на само неколку километри од овие села. Некои од мештаните со подготвени торби се спремни за бегање ако повторно тресе.
Емилија Мисирлиевски