Снег во Македонија – еве каде во моментов врне најмногу, ни доаѓа голем пад на температурата во следните денови

|

Облачно со врнежи од дожд вдолж пошироко Повардарие, а на планините и на повисоките места со врнежи од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови. До крајот на денот врнежите ќе преминуваат во снег и на некои пониски места. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал -1 до 6, а максималната од 0 до 8 степени.

Утрово снег без престан инаку врне на Попова Шапка, Маврово, Крушево, Пониква, Пелистер, како и планината Водно во Скопје, но и на сите повисоки места.

Во Скопје облачно со врнежи од дожд, кои повремено и особено во повисоките делови ќе преминуваат во снег. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне 6 степени.

Според Управата за хидрометеролошки работи, од овој бран на пообилни врнежи ќе има во западните делови. До понеделник наутро снежната покривка на планините значително ќе се зголеми и ќе се формира нова на повеќе места, особено во западните делови каде локално ќе наврнат и над 20 см нов снег.

Во понеделник врнежите ќе се послаби, а во вторник ќе има услови за провејување на снег со послаб интензитет.

До среда ќе дува повремено засилен северен ветер, а температурата значително ќе се намали особено утринската.