Најавено е зголемување на пензиите

|

За почетокот на март е договорена нова средба на владини претставници и Здруженијата на пензионери за менување на методологијата за усогласување и пораст на пензиите со цел да се изнајде модел кој ќе овозможи одржливо решение на долг рок. На првата средба во февруари беше договорено дека е потребна промена со цел пензиите да можат да растат, но, не беше прецизирано колкав би бил порастот и како би се дошло до него. Затоа сега не може да се процени товарот што порастот на пензиите би го направил врз пензискиот фонд. Властите се децидни дека тој е стабилен и оти нема да се одлучат за модел кој за година, две би го преоптоварил, но, експертите апелираат на внимателност, за да не се влоши неговата финсиска ликвидност по стабилизацијата по последните реформи.

Од Министерството за труд и социјална политика за МИА велат дека по одржаната прва средба со Сојузот на пензионери и Партијата на пензионери, биле дадени неколку предлози за промени во методологијата за усогласување на пензиите и оти анализата е во тек.

-Анализата на дадените предлози која се врши од страна на економските ресори на Владата е во тек и очекуваме наскоро да се одржи повторна средба на која ќе бидат презентирани проекциите на предлозите од двете страни. Целта на сите засегнати страни во дијалогот е да дојдеме до најиздржаното решение кое ќе донесе раст на пензиите на долг рок, нагласуваат од МТСП.

Во моментов, според последните податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија од јануари 2022 во земјава има вкупно 326.841 корисник на пензија. Од нив старосна пензија добиваат 220.831 корисник, семејна пензија 75.249 корисници, инвалидска пензија 29.736 корисници, воена 952 и земјоделска пензија 37 лица.

Според податоците од Фондот, највисока пензија во моментов изнесува 59.674 денари, а најниската пензија е 10.791 денари. Најголем број 20.809 корисници на пензија земаат од 20.000 до 22.000 денари.

Во однос на движењето на дефицитот на средства во Фондот за ПИОМ за исплата на пензии, односно колкав е процентот и износот на средства кои ги добива од државниот Буџет во периодот од 2017 до 2022 година, од податоците на Фондот може да се види дека во 2017 година трансферот од централниот буџет бил 28.461,150.000 денари или 43,67 отсто, во 2018 година 29.399,000.000 денари или 42,83 проценти, во 2019 година изнесувал 28.103,110.000 денари односно 38,30 проценти.

Во 2020 година, пак, трансфер од централниот буџет кон пензискиот Фонд бил 30.911,000.000 денари, односно 39,72 проценти, а во 2021 година 30.626,000.000 денари односно 37,97 проценти. Во 2022 година е проектиран односно планиран трансфер 29.658,000.000 денари или 35,66 проценти.

-Во овој трансфер на средства што Фондот на ПИОСМ ги добива од Централниот буџет влегуваат и транзициските трошоци што Фондот ги префрла кон приватните пензиски фондови. Во приватните фондови членуваат над 550 илјади осигуреници, а Фондот на ПИОСМ кон нив префрла 6 од 18,8 проценти пензиски придонес. Тоа се проектирани трошоци кои државата се обврзала да ги покрива кога го дизајнирала тростолбниот пензиски систем во 2003 година. Дополнително, Фондот го плаќа здравственото осигурување на пензионерите, што е 10 отсто од вкупните расходи на ПИОСМ. Преку овој трансфер, со поддршка од централниот буџет се исплаќаат и поповолните пензии и гарантираната минимална пензија од 10 791 денари, појаснуваат од Фондот за МИА.

Од Институтот за економски истражувања и политики „Finance think“ велат дека е потребна особена внимателност при договорањето на методологијата за пораст на пензиите, затоа што, според нив по драматичниот раст на пензискиот дефицит во периодиот од 2010 до 2018 поради, како што нагласуваат, популистичките мерки за пораст на пензиите, системот се стабилизирал со реформата од 2019 година и тоа го илустрираат со графикон со податоци со кои располагаат.

Според нивните анализи, во 2010 година пензискиот фонд имал дефицит од 35 отсто средства потребни за исплата на пензиите кои ги покрива државата од централниот Буџет. Процентот пораснат на 43 отсто во 2014 година, и на максимални 44 отсто во 2017 година. Потоа почнува опаѓање на дефицитот и намалување на дупката во пензискиот фонд за во 2021 да изнесува 39 отсто, средства кои мора да се издвојат од државниот Буџет за навремена исплата на пензиите. Доколу реформата не би била направена во 2019, сега буџетскиот дефицит би изнесувал околу 42 отсто од Буџетот.

Со законските измени за пензиско и инвалидско осигурување кои почнаа да се применуваат во 2019 година беше пропишано дека усогласувањето на пензиите ќе се врши два пати годишно од 1 јануари и 1 јули секоја година според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи објавени од Државниот завод за статистика. Во случај кога порастот на трошоците на живот се со негативен предзнак, не се врши усогласување на старосната пензија. Исто така, беше предложено дополнително усогласување доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 отсто. Сегашната висина на пензиите, не обезбедува достоинствени пензионерски денови, сметаат пензионерите и затоа бараат промена на моделот на усогласување.

Власта на почетокот на разговорите со пензионерите посочи дека целта е да се создаде систем според кој тие ќе имаат сигурност и покачувањето на нивните пензии нема да зависи од ничија политичка волја или од тоа дали ќе има избори. Моделот што го предложиле од пензионерските здруженија е тој да биде заснован на промена на животниот стандард и промена на просечните плати. Следната средба е закажана за почетокот на март, а дотогаш Владата треба да ги направи потребните симулации за предлозите на пензионерите.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по првата средба истакна дека очекува решение да се најде максимум до 10 март, затоа што, како што нагласи, има согласност оти методолгијата за усогласување треба да се смени.

-Мислам дека на наредната средба ќе го имаме дефинирано моделот и ќе имаме заеднички став. Се радувам што и Сојузот на здруженија на пензионери и Партијата на пензионери беа солидарни кон различните категории на пензионери и добиваат различна висина на пензии. Зборувавме за различни модели кои ќе значат посолидарен начин на поддршка. Тоа што ни остана како Влада е во следниот период да направиме симулации и да видиме какви импликации ќе има тоа врз пензискиот фонд, изјави Битиќи.

Тој нагласи дека пензискиот фонд е стабилен и оти има зголемени приходи минатата година, а тенденцијата, како што рече, е тој тренд да продолжи.

– Тоа осигурува дека ние може да одговориме позитивно на зголемување на пензиите. Само во јануари имаме усоглсување на пензиите од три проценти. На просечна пензија тоа е околу 478 денари во апсолутен износ. Ако останеме на истиот модел, пензионерите ќе добијат најмалку уште 500 денари во јули, но ние зборуваме за нов модел на усогласување, кој ќе понуди повеќе од тоа, изјави Битиќи, порачувајќи дека нема да направат модел кој ќе значи за две години нестабилност на пензискиот фонд.

Бенефит од зголемувањето на пензиите треба да имаат 328 илјади пензионери.

Пензионерите беа задоволни од исходот на првиот состанок и се надеваат на решение кое ќе биде прифатливо за сите страни.