Овој ден на судот е одредено да се слави сега за оние коишто живеат во мрзливост да бидат охрабрени да стекнат добродетели, и да не се надеваат само на љубовта Божја, туку да сфатат дека Он исто така е и праведен Судија, кој на сите луѓе ќе им суди според нивните дела. И сите души ќе поминат на суд.
Се нарекува второ доаѓање, бидејќи Христос дојде во тело, првиот пат, за да го спаси човечкиот род, а кога ќе дојде повторно ќе ни суди дали сме ги запазиле Неговите заповеди. А кога ќе се случи ова второ доаѓање? Никој не знае, бидејќи иако Он наброја неколку знаци за доаѓањето, точното време го сокри од апостолите.
Пред Неговото доаѓање, ќе се појави антихристот. Тој ќе живее навидум слично на Христа, извршувајќи чуда како Христовите. Но, сето тоа ќе биде само илузија. По ова, одненадеж, како молња од небото, ќе дојде Господ, одејќи пред Неговиот Кр ст, а река од оган ќе биде пред Него, чистејќи ја земјата од скверности.
Антихристот ќе биде фатен веднаш, заедно со неговите слуги и ќе биде осуден на вечен оган. А кога ангелите ќе затрубат, сите родови човечки ќе се соберат од сите места и од краиштата на земјата во Јерусалим, затоа што тоа е центарот на земјата. Таму ќе има поставени престоли и сè ќе биде подготвено за судење.
Тогаш сите души повторно ќе се соединат со своите тела и ќе бидат облечени во нетрулежна убавина. И со еден збор, Господ ќе ги оддели праведниците од грешниците. Оние коишто правеле добро ќе примат вечен живот, а грешниците конечно ќе бидат испратени во вечно и бескрајно мачење.
Да забележиме дека Христос нема да праша кој постел или кој бил наг, или кој извршувал чудеса, иако и тие нешта се добри, но милосрдието и сострадањето се многу подобри. Он ќе ги праша и праведниците и грешниците за шест заповеди – добродетели, за кои секој е способен: „Бев гладен и Ме нахранивте, Бев жеден и Ме напоивте, Бев странец и Ме прибравте, необлечен бев и Ме облековте, болен Бев и Ме посетивте, во затвор Бев и дојдовте при Мене.
Доколку сте го направиле ова за некој од Моите најмали браќа, Мене сте Ми го направиле.“ Тогаш сите кои Го исповедале Господа Иисуса Христа ќе преминат во славата на Бога Отца, а оние кои се одделиле од Бога преку трошењето на нивниот живот на мрзливост и на минлива храна, ќе примат маки и темнина и ќе бидат вечно лишени од Божјата светлост.