Невреме проследено со силен ветер, дожд и грмотевици попладнево го зафати скопскиот регион, но и други делови од Македонија.
Како што информираат од УХМР, локално ќе има појава на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и услови за ретка појава на ситен град, повеќе услови ќе има во источните делови.
Во следните денови времето ќе се задржи променливо облачно и посвежо, со повремени локални врнежи од дожд, а на планините ќе има врнежи од снег.
Утре ќе дува силен југозападен ветер, а попладне на места повторно ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи.
Силен ветер попладнево исто така уништи два бора во кавадаречкото село Марена, кои го блокираа патот Кавадарци – Неготино.
Претседателот на месната заедница, Митко Камчев за МИА рече дека среќа во несреќа е, што нема пов редени луѓе и оштетени возила.
– Патот беше блокиран околу петнаесет минути. Со заеднички напори на месната заедница и локалната самоуправа Кавадарци, го надминавме проблемот и сè уште се работи на расчистување на остатоците од дрвјата на патот, појасни Камчев.