Почетокот на месецот Рамазан ќе дојде со поскромни трпези во многу семејства. Тоа се должи на поскапувањето на прехранбените производи, особено на основните. Граѓаните кои ги анкетираше Алсат велат дека се принудени да се откажат од многу храна и покрај желбата во овој свет месец, трпезата и ифтарот да бидат побериќетни.
„Се надеваме ќе си поминеме убаво. Кој има пари ќе купи, кој нема, здравје. Ќе видиме што е поевтино, за нас што имаме ниски пензии“, вели еден граѓанин.
„За работникот никогаш не се скапи, за невработените секогаш се скапи“, вели друг граѓанин.
„Сè е скапо, каде и да одиш е скапо и на пазар и тука“, вели анкетираниот.
„Сè поскапува, со пензија од 7-10 илјади денари што ќе правиш. Од сè ќе земеме по малку колку за да имаме да јадеме и пиеме“, додаваат граѓаните.
Многу хуманитарни организации веќе почнаа да делат пакети со храна за помош на семејствата на кои им е потребна. Годинава значително е зголемен бројот на семејства кои имаат потреба од помош.
„Во последно време имаме многу барања. Знаеме пред три години како беше и како е сега. Пакетот со храна е за потребите на секое семејство, не само храна, туку и средства за хигиена. За Рамазан оние семејства кои немаат можност, нека нè известат за да можеме да обезбедиме јадење и нешто друго во пакетот“, изјави Севдаил Бислими „Бамирсиа 2018“.
Покрај пакети со храна, организациите ќе делат бесплатен леб секој ден во месецот.
„Ќе делиме од 600 до 800 лебови секој ден, 30 дена Рамазан и за Бајрам. 400 пакети за сиромашните семејства на кои им е потребна помош. Посебно во општините Липково и Арачиново има многу луѓе на кои им е потребна помош, но се надеваме ќе можеме да ги исполниме нивните услови“, изјави Мухамедали Алији- „Мехмет Акиф Ерсој“
Првиот ден од месец Рамазан ќе започне утре, а првиот ден од Бајрам е на 2 мај.
Извор: Алсат.мк