Познатата естрадна фолк двојка, пејачката Зуица Лазова и пејачот Наум Петрески, по многуте животни и брачни премрежја што своевремено ги имаа, како плод на нивната љубов ги добија ќерката Македонка и синот Стефан.
Македонка очигледно ги наследила гените од родителите и е студент на Факултетот за музичка уметност, каде студира соло пеење, додека Стефан е уште во основно училиште.
Во една прилика, Зуица откри дека и нивниот син Стефан тргнал по нивните стапки и дека веќе свири на гитара, но дека уште ниту таа ниту Наум не знаат дали ќе ја избере музиката како идна професија или таа ќе остане само негово хоби можност за дополнителна заработка.
Познатата брачна фолк двојка со семејството присуствуваше на неодамна одржаната јубилејната 25-та „Златна Бубамара на популарноста“, каде Наум ја доби наградата за „Трајни вредности“, а Зуица и јавно му ја честиташе посакувајќи му уште вакви признанија.
Од фотографиите се гледа дека Стефан повеќе не е мало детенце, туку пораснал во вистинско момче кое се’ повеќе наликува на својот татко. Дури и фризурата му е слична на онаа која во последно време ја носи фолк пејачот.
Дали го наследил и гласот, слухот и талентот за музика на родителите, останува допрва да видиме.