Драстичен раст на цените, трошоците за живот се зголемуваат

ИЗВОРНов Лист
|

Според пресметките на Државниот завод за статистика, трошоците на животот во јуни годинава се повисоки за 2,8 отсто во споредба со претходниот месец, а цените на мало пораснале за 2,4 проценти. На годишно ниво, пак, трошоците се зголемени за 14,5 отсто, а цените на мало за 13,7 проценти. Најголем пораст на цените има кај храната, а на таа листа на прво место е маслото за јадење, следуваат лебот и млекото, а во однос на другите цени, предничат горивата.

Забележан е пораст на трошоците на животот во споредба со претходниот месец кај маслото и маснотиите за 10,4 отсто, лебот и житата за 7,8, млекото за 6,7, месото за 5,2, свежото и разладеното овошје за 2,9, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 2,7, виното за 2,1, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1,0, рибата и морските плодови за 0,8, кафето, чајот, какаото за 0,5 и прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,4 отсто.

Исто така, во јуни пораст на трошоците на животот е забележан и кај горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 17,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 16,3, туристичките аранжмани за 6,4, цврстите горива за домаќинствата за 6,2, воздухопловниот патнички транспорт за 6,1, гасот за домаќинствата за 4,4, патниот патнички транспорт за 4, услугите за сместување за 3,7, градините, растенијата и цвеќињата за 2,9, фризерските салони и центрите за разубавување за 2,7, рестораните, кафулињата и слично за 2,5, другите апарати и производи за лична хигиена за 2,1, големите електрични апарати за домаќинствата за 1,8, услугите за одржувањето и поправките на живеалиштето, парамедицинските услуги за 1,7 отсто.

Зглемување на трошоците има и кај домашните услуги и услугите за домаќинствата за 1,6 отсто, одржувањето и поправките на сопствените превозни средства, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема, домашните миленици и сродните производи за 1,5, ткаенините за изработка на облека за 1,4, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето, услугите за рекреација и спорт за 1,2, производите за домаќинствата – нетрајни за 1,1, малите електрични апарати за домаќинствата за 1 отсто.

Намалување на трошоците на животот е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 3,3 отсто и кај опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 1,2 отсто.