По вчерашното невереме кое го зафати Скопје, екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, од утрово се повторно на терен.
-Екипите се на терен со цел проверка и чистење на шахтите и сливниците, дел од атмосферската канализација, која во текот на вчерашниот ден имаше отежната функционалност, како резултат на големото и силно невреме кое го зафати скопскиот регион.Со цел превенирање на такви и слични ситуации, како и овозможување на непрекината функционалност на атмосферската канализација, екипите на претпријатието, остануваат на терен, на целата територија на град Скопје, информират од Водовод.
Службите на општина Аеродром во координација со ЈП ,,Паркови и зеленило” и утрово се целосно ангажирани за отстранување на штетите предизвикани од силното невреме кое го зафати Аеродром.
– На терен се ангажирани сите расположливи човечки ресурси и целата механизација со која располага општината и наскоро ќе бидат отстранети сите дрвја, гранки и објекти кои го попречуваат движењето на граѓаните и претставуваат опа сност. Во текот на вчерашниот ден, до општината пристигнаа над 40 пријави од граѓани. Од невремето беа забележани и пријавени неколку паднати здрави и зелени дрвја, а причинета е и материјална штета. Отворената линија за пријавување на штета од невремето е отворена и денеска од 8-16 часот, на телефонскиот број 2400970, се вели во Фејсбук објавата на општина Аеродром.