Најуспешните клубови бараат промени во каратето: Мораме да се ослободиме од ова зло

ИЗВОРТелма
|

Македонското карате важи за еден од најуспешните наши спортови на меѓународната сцена. Каратистите и каратистките редовно ја радуваат македонската јавност со медали од големите турнири како Светски и Европски првенства.

Актуелната состојба во македонското карате е далеку од идеална, бидејќи голем дел на клубовите покренаа иницијатива за промена на актуелното раководство на федерацијата. Тие не се задоволни од тоа како функционира федерацијата водена од претседателот Петар Белистојаноски и бараат почесниот претседател Драган Стојановски исто така да се повлече од спортот.

Речиси половина од клубовите кои се со право на глас бараат да се свика вонредно Собрание за гласање доверба на првиот човек на каратето Белистојаноски. Меѓу клубовите кои се дел од иницијативата се и оние кои се најтрофејни и најуспешни низ годините како Макпетрол, Партизан Штип, Металург, Цветан Димов, Кеикс и многу други.

Иницијаторите за промени упатија и писмо до сите останати клубови да не подлегнуваат под притисоците на раковдството на федерацијата. Тие сметаат дека поканата за настанот „Карате ден“ , што го организира федерацијата е само обид за поткуп и побараа обединување на сите клубови.

Писмото ви го пренсуваме во целост:

„Почитувани колеги тренери, од страна на ’директорот’ на репрезентацијата, господинот Арлинд Хусеини поканети сме на таканарачениот КАРАТЕ ДЕН во кој централно место зазема РУЧЕКОТ. Се спрема голема гозба со скапи печења и најскапи вина. Во писмото не е наведено со чии пари ќе се плати оваа скапа гозба. Со оглед, дека на гозбата ќе присуствува и неспособниот претседател на федерацијата, логиччно е дека оваа гозба да биде платена од касата на Федерацијата. Ако е така, ние најостро протестираме и го дигаме својот глас против трошењето на нашите пари кои ние ги уплатуваме во Федерацијата во вид на годишна членарина, регистрација на натпреварувачи и котизација. Со оглед на тоа дека на сметка на федерацијата средства уплатува и Агенцијата за млади и спорт го дигаме својот глас и против трошењето на државните – народните пари за гозби.

Многу е возможно и тоа, гозбата да ја плати почесниот претседател господинот Драган Стојановски преку неговата продолжена рака Благоја Атанасов-Џиги. Доколку е ова второто, тогаш тоа е уште еден доказ дека почесниот претседател сака преку полни стомаци да ве поткупи со цел да ја дадете вашата подршка на неспособниот претседател Петар Белистојаноски.

Доколку Стојановски сака да финансира во карате спортот, му даваме предлог да ги уплати средствата на сметката на Федерацијата и со тоа да бидат вратени парите на клубовите и родителите кои тие ги уплатија за настап на европските првенства за сениори во Турција и за јуниори и кадети во Чешка, како и за настап на следното Светско првенство за јуниори и кадети.

Почитувани колеги тренери нели ја гледате апсурдноста на раководењето на Федерацијата од страна на неспособниот претседател и од сенка на почесниот претседател. Нема пари за спортистите за настап на европските и светските првенства, но има за скапи гозби.

Почитувани колеги зарем вашето достоинство и вашата гордост се вредни колку за еден полн стомак. Не дозволувајте никој да ве омаловажува, понижува и поткупува со еден ручек. Издигнете се над тоа и дајте да се обединеме и ослободиме од ова зло наречено: тандем почесен претседател и неспособен претседател“, се вели во писмото на Иницијативниот одбор.