Ако те снашла тешка болест, минлива или неминлива – тоа од Мене доаѓа

ИЗВОРСкопје24
|

Епилог:

Господ му зборува на човекот

Дали ти некогаш сине, си размислувал дека се што се однесува на тебе, се однесува истовремено и на мене бидејќи се` што се однесува на тебе, се однесува на зеницата на моето око?

Ти си мил во моите очи, бесценет и јас те засакав, па затоа за мене е особено задоволство да те воспитувам.

Кога искушенијата ќе те обиколат и непријателот ќе навали како река, знај дека тоа од Мене доаѓа, дека твојата немоќ чувствува потреба за мојата сила и да сфатиш дека дека си сигурен само кога Јас се борам за тебе.

Ако се наоѓаш во тешки околности, меѓу луѓе кои не те разбираат, кои не водат сметка за тоа што ти е пријатно, кои те отфрлуваат – тоа од Мене доаѓа!

Јас сум – Бог, Кој управува со околностите, Ти не се најде случајно на своето место; тоа е токму она место кое јас ти го одредив.

Ме молеше да те научам на смиреност, па еве види: те ставив во онаа средина во она училиште, каде што се учи таа лекција. Твојата средина и луѓето кои живеат со тебе само ја исполнуваат Мојата волја.

Ако се наоѓаш во недостаток на пари, тешко врзуваш крај со крај, тоа од Мене доаѓа, бидејќи јас располагам со материјалните средства.

Jас сакам да Ми се обраќаш и да зависиш од мене.

Моите резерви се неисцрпни. Јас сакам да се увериш во мојата верност и во вистинитоста на Моите ветувања. За да не се случи да ти кажам во твојата неволја:

Вие не верувавте во вашиот Господ Бог“!

Ако преживееш ноќ на болка, ако си одвоен од твоите блиски – тоа од Мене доаѓа!

Јас сум Утешител и Исцелител на болестите, Јас го дозволив тоа за да ми се обратиш и за во Мене да најдеш вечна утеха.

Ако си се разочарал во својот пријател, во некој кому си го открил своето срце – тоа од мене доаѓа!

Јас дозволив да се разочараш за да ти покажам дека Господ е твојот најдобар пријател. Јас сакам ти се да ми принесуваш и да ми се доверуваш.

Некој те наклеветил. Препушти ми ја таа работа Мене и приклони се кон Мене, твоето прибежиште, за да се избавиш од лошиот јазик. Јас ќе ја изнесам твојата вистина на светлината на денот и ќе ја докажам твојата невиност.

Ако твоите планови пропаднале, ако си паднал со душата и телото -тоа од Мене доаѓа!

Си правел планови и ги изнесуваше пред мене за Јас да ги благословам. Но Јас сакам да ми препуштиш Јас да располагам со настаните на твојот живот.Тогаш одговорноста за се ќе падне на Мене, бидејќи таа за тебе е премногу тешка и ти самиот не можеш да излезеш на крај со неа.

Ако подолго време не добиваш вести од оние кои ги сакаш, па по својата малодушност паѓаш во очај и негодуваш,- тоа од Мене доаѓа!

Јас ја испитувам силината на твојата вера во Моите ветувања и силата за твоите молитви за ближниот, бидејќи нив не си ги препорачал на Покровот на Мојата Пречиста Мајка, ниту грижата за нив си ја препуштил на мојата Татковска љубов.

Ако те снашла тешка болест, минлива или неминлива, па си прикован за постела, знај дека тоа од Мене доаѓа!

Јас сакам ти, во својата телесна немоќ, да Ме запознаеш уште подлабоко. Сакам да не негодуваш што ти е испратено искушение и да не ги испитуваш моите непроникливи планови за спасение на човечките души, туку со доверба да ми се препуштиш и дојдеш под Моја закрила.

Ако неочекувано си повикан да заземеш тешко и одговорно место, оди, прифати го и потпри се на мене.

Јас ти ја доверувам таа задача, бидејќи за тоа те благословил Господ Бог во сите твои дела, во се` што ќе правиш со твоите раце.

Денес ти го давам овој сад со свет елеј. Користи го слободно дете мое.

Секоја тешкотија што ќе искрсне, секој навредлив збор што ќе го примиш, секоја пречка во твојата работа што би можела да те ожалости и обесхрабри, секоја своја немоќ и неспособност – помажи ја со овој елеј.

Сеќавај се дека секоја неволја е Божја поука, можност да научиш нешто. Секоја острица ќе се истапи, за ти да не се повредиш.

Оттаму, насади ги во своето срце зборовите што денеска ти ги објавив:

тоа од Мене доаѓа!

Бидејќи ова за тебе не е само збор, туку тоа е твојот живот!

Епилог од книгата „Писмата на валаамскиот старец“

Покајание