Јакимовски: Да продолжиме таму каде што застанавме со нова визија за Карпош

|

Влегувам во изборната кампања со резултатите од осум години управување со општината, со четирите меѓународни награди и со нова визија за општина Карпош, односно да продолжиме таму каде што застанавме. Вака лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски ја најави својата кандидатура за градоначалник на општина Карпош на претстојните локални избори во своето прво јавно обраќање по објавувањето на кандидатурата.


Јакимовски во гостувањето во вестите на Сител најави и конкретни проекти кои ќе бидат дел од неговата предизборна програма.
– Ќе градиме фасади, ќе менуваме кровови, нема да има ниту еден азбестен кров, ќе монтираме лифтови. Осумстотини деца чекаат за упис во градинки. Ќе изградиме 4 нови градинки, а постоечките ќе бидат проширувани. Ќе го направиме „фамозното“ зеленило од 100.000 метри квадратни покрај кејот во Карпош 4. Ова се само дел од многуте проекти кои им го ветувам на карпошани во следните 4 години, најави Јакимовски.


Тој нагласи дека на овие избори настапува во граѓански дрес со поддршка на неговата партија ГРОМ, но истовремено ги повика сите прогресивни граѓани да застанат зад него за заедно да извојуваат нова победа за општина Карпош.На прашањето зошто влегува во трка за градоначалничката функција без коалицијата и дали воопшто функционира коалицијата со ВМРО ДПМНЕ Јакимовски беше конкретен:
– Коалицијата функционира. Одлука е во Карпош да одиме посебно, значи ВМРО ДПМНЕ да оди со свој кандидат. Сметаат дека долго време немале свој кандидат и тоа е легитимно. Но, ние врз основа на сондажата на терен, разговори со граѓани и повеќе анкети, мислам дека се шест, кои укажуваат дека сме во водство, донесовме одлука да одиме сами. Над 61,9% од граѓаните на Карпош не се задоволни од актуелното раководство и бараат промени. И не само што бараат промени, туку во сите анкети ми даваат предност мене. Тоа ме охрабри повторно да ја побарам довербата на граѓаните во општина Карпош, рече Јакимовски.


Во однос на тоа дали ГРОМ ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО ДПМНЕ во другите општини, Јакимовски рече дека поддршка ќе имаат сите кандидати на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата за кои сметаат дека се квалитетни.
На прашањето дали очекува ВМРО ДПМНЕ да го поддржи во вториот круг, Јакимовски вели дека не само од ВМРО ДПМНЕ туку истото го очекува и од останатите кандидати кои нема да влезат во вториот круг затоа што не смее да се дозволи уште еден тест дали Карпош може да го води било кој.
Лидерот на ГРОМ како најсериозни проблеми на жителите ги смета фекалните и атмосферските канализации, проблемите со водоводи, реконструкциите на улиците, градинките и училиштата.
– Тука е и проблемот со зеленилото, и тоа не само со новото, туку и со постоечкото. Карпош е претворено во степа, се е пожолтено. Граѓаните можат да видат на Партизанска како се поставени жардињерите и како се уништени хидрантските мрежи. Ние планираме да ископаме најмалку педесетина бунари со чија помош ќе се наводнува зеленилото, рече Јакимовски.


Лидерот на ГРОМ исто така истакна дека неговата општинска администрација ќе посвети големо внимание на најмладите, особено во делот на градинките. Како главен проблем за општината е бројката од 800 деца кои чекаат ред за место во градинките, за кој според него виновна е актуелната општинска власт која одлучила да прима деца од други општини.
– Проблемот нема да го решаваме со бркање на овие деца, туку напротив, со градење на нови и реконструкција на постоечките градинки, истакна Јакимовски.


Во однос на тоа дали ќе продолжи градежната експанзија во општината Карпош, Јакимовски најави дека за тоа прашање ќе се консултира со граѓаните и ќе го почитува нивното мислење.
– Постари сме за четири години и поискусни за некои прашања. Имаме доблест да признаеме и кога сме грешеле и треба да се корегираме. Мислам дека треба да најдеме заеднички јазик околу тоа што е потребно за развој на општината и потреба за хумано живеење. Јас сум поборник на тоа ширењето на Карпош да го префрлиме на левиот брег на реката Вардар, рече Јакимовски.
Лидерот на ГРОМ и кандидат за градоначалник на Карпош најави дека сите згради кои се наоѓаат на булеварот Партизански одреди ќе добијат нови фасади, а тоа ќе чини околу 12-13 милиони евра. Според него, со проектите за обновување на фасадите не само што се разубавува ликот на општината, туку и се заштедува енергија, односно се добива комплетно енергетски ефикасни објекти.
На прашањето за воведување на зони за паркирање во општината, Јакимовски вели дека нивниот план е да привлекуваат гости, а не да ги бркаат од општината.


-Во моментот речиси да не можете да најдете слободен дуќан во Карпош. Најголем проблем имаат граѓаните од Карпош 1 каде што паркираат возила од Центар. Тој проблем ќе го решиме со тоа што ќе изградиме катни гаражи – едно ниво под земја и две над земја. Тоа се три катни гаражи во делот на Карпош 1, една гаража кај болницата 8-ми Септември и во Порта Влае. Значи нашата цел ќе биде да ги зголемуваме паркинг местата, а не да ги враќаме гостите за да може и да се живее нормално, но и да можат да функционираат оние кои имаат деловни објекти, вели Јакимовски.