ДИК со корекција на бројките, партиите поднесуваат приговори, роковите течат

|

Три дена по изборите, работите сеуште не се конечни и сосема јасни.

ДИК (Државната изборна комисија) денес донесе заклучок за исправка на технички грешки. Оттаму информираат дека се исправаат техничките грешки при објавувањето на бројките во четвртокот, ден по изборите. Според ДИК, всушност гласале 943 750 гласачи. Важечки ливчиња се 912 186, а неважечки ливчиња се вкупно 31 564. Ова е промена во однос на резултатите кои ДИК ги соопшти во четвртокот и тоа: сега има дополнителни 1.416 гласачи, и плус 148 неважечки ливчиња.

Во меѓувреме ВМРО-ДПМНЕ бара рачно да се пребројат гласачките ливчиња и обвинува за фалсификат а има поднесено досега и два приговори.
Обратно од нив, СДСМ не планира да се жали на изборниот резултат и стои на ставот дека изборите се фер, слободни и демократски.
Левица, која освои два пратенички мандати, најави дека испратиле 425 приговори до Државната изборна комисија.
Голем број на приговори – 74 поднела Алијансата за албанците, поради сомнежи дека се полнети кутии, гласале луѓе кои не се во Македонија и сл.

Државната изборна комисија во рок од 72 часа треба да одлучи за секој приговор. Според ДИК се очекува утре или во понеделник да се одлучува по приговорите на јавна седница.