Од француското претседателство до Владата преку Министерството за надворешни работи, пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови, соопшти денеска владината Прес-служба.
– Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата, се наведува во соопштението.
Од Владата посочуваат дека како и што ветија „одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани“.
– Сакаме да упатиме благодарност до претседателот Макрон и француското претседателство, за нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот, се додава во владиното соопштение.
Пред малку на прес-конференција на Самитот на НАТО во Мадрид, францускиот претседателот Емануел Макрон изјави дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија.
– За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите, изјави Макрон.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“.
– Од сега премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото, потенцира Макрон.
MИА