Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски денеска соопшти дека Општина Карпош наскоро ќе биде општина со највисок облакодер во државата, односно дека ќе се изгради комплекс што ќе биде за еден кат повисок од Џевахир скај сити.
Со овој проект Јакимовски сака симболично да порача дека само небото е граница за урбаниот развој на Карпош.
Се разбира, станува збор за првоаприлска шега на своја сметка со која градоначалникот сакаше да го одбележи денот на шегата при денешното обраќање до јавноста преку неговиот личен профил на фејсбук во кое соопшти неколку важни информации за жителите на Карпош.
Јакимовски ги информираше граѓаните дека на вчерашната координативна средба со координаторите на советничките групи во Општина Карпош е договорено во иднина секој детален урбанистички план пред да се стави на јавен увид, да се разгледа од страна на советниците на средба на која ќе присуствуваат и планерите за да се расчистат сите дилеми и воедно да се избегнат ситуации во кои ќе се шират дезинформации меѓу жителите на Карпош. Во таа насока, за во четврток е закажана средба на која ќе се разгледуваат два ДУП-а.
Градоначалникот Јакимовски исто така објави информации за зголемени приходи во периодот од 4 ноември до денес и тоа:
Последниот квартал од 2021 година Општина Карпош имала приход од 157.641.512 денари, што во споредба со 2020 година е зголемување за повеќе за 32%. Тој тренд во услови на ковид продолжува и во текот на зимскиот период во 2022 година. До 31 март општината остварила приход од 115 милиони денари, за разлика од лани истиот период кога имала приход од 96 милиони денари, или за 20.6% поголеми приходи во однос на 2021 година.
Врз основ на овие бројки, градоначалникот е оптимист дека општината ќе има услови за поголем буџет за 2023 година, што значи дека ќе има повеќе пари за реализирање на проекти.
Јакимовски најави дека во наредниот период јавно ќе бидат објавени информации за тоа каде и како се потрошени парите на граѓаните во Општина Карпош, како и дека ќе бидат објавени информации за сите проекти што се сработени во општината во изминатите години.
Погледнете го видеото ТУКА.