Ќе се укине реалното шоу „Задруга“ – По масакрот усвоена препораката од Вучиќ

|

Сопственикот на српската телевизија Пинк, Жељко Митровиќ, каде што се емитува реалното шоу, најави дека во наредните десетина дена ќе ја откаже „Задруга“. Ваквата одлука, како што соопшти Митовиќ, ја донел по препорака на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Сопственикот на телевизијата во објава на Твитер напиша дека оценката на претседателот на државата е поважна од интересот на ТВ Пинк и од неговиот личен интерес.

„На препорака на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, донесов одлука да ја откажам реалити програмата ‘Задруга’ што е можно поскоро, не подолго од десет дена. Верувам дека единството на Србија и оценката на претседателот се поважни од секаков вид на интерес на ТВ Пинк или мој личен интерес“, напиша Жељко Митровиќ на Твитер.

Српските медиуми објавија дека претседателот Александар Вучиќ пред неколку дека изјавил дека во разговор со сопственикот на телевизијата Пинк го замолил да ја разгледа можноста за укинување на реалното шоу.

Укинување на реалити програмата „Задруга“ беше побарано и на масовните протести во Белград, кои беа организирани по двете масовни убиства кои овој месец се случија во Србија. Беа изработени и транспаренти со имиња на медиуми за кои демонстрантите кажаа оти промовираат говор на омраза и насилство.