Кошаркарите од август ќе почнат со квалификациите за ЕП 2025

ИЗВОРТелма
|

По елиминацијата во квалификациите за Светското првенство што ќе се одржи следната година, репрезентацијата на Македонија следниот месец ја почнува битката за настап на континенталното првенство кое е на програмата во 2025-тата.

Во оваа фаза покрај Македонија ќе настапат уште селекциите на Бугарија, Хрватска, Полска, Португалија и Словачка како елиминирани од светските квалификации, Австрија, Данска, Романија, Швајцарија и Норвешка како најуспешни во првата претквалификациска фаза и Кипар како ко-домаќин на Европското првенство во 2025 година.

Овие 12 репрезентации ќе бидат поделени во три групи, а пласман во квалификациите за Евробаскетот 2025 обезбедуваат Кипар како ко-домаќин и трите победници на групите (ако Кипар биде прв, натаму оди второпласираниот). Претквалификациите ќе се играат во три ФИБА „прозорци“, односно во август и ноември 2022 и февруари 2023 година.

Освен тоа, осумте репрезентации кои нема да обезбедат пласман во квалификациите, одат во нова рунда доигрувања каде ќе им се приклучат елиминираните од првата фаза: Косово, Ирска, Луксембург и Албанија.

Тие претквалификации ќе се играат во август 2023 година, а пласман во главната фаза од квалификациите ќе обезбедат најдобрите четири репрезентации.

ФОТО: Игор Паневски