Купувате автомобил на старо? Овие 5 знаци ќе ви укажат дека возилото било удрено

ИЗВОРНов Лист
|

Во нашата земја луѓето кои не можат да си дозволат нов автомобил, често купуваат на старо по многу пониска цена, но ограничувајќи го буџетот кој можеме да го одвоиме за возило, треба да внимавате да не ви „подметнат“ некое неквалитетно возило кое на овој начин дури ќе го платите повеќе отколку што вреди, а може да ја загрозува и вашата безбедност при возење.

При купување автомобил на старо понекогаш е многу тешко веднаш да воочите некои знаци што укажуваат дека возилото било удрено, бидејќи најчесто пред продажбата сопственикот добро го има „нашминкано“ автомобилот.

Автомобилот често можеби изгледа „како нов“ од надвор, но удрено возило е удрено возило и постојат повеќе начини тоа да го забележите, колку и да се труди сопственикот да го прикрие тоа. Научете кои се знаците кои „издаваат“ дека автомобилот бил удрен, а продавачот тоа не ви го кажал.

Боја на чудни места – Продавачот кој сака да ви сокрие дека автомобилот бил оштетен во судар најчесто ќе се потруди да ги скрие сите видливи штети и последици на каросеријата, но посетата на автолимар сепак ќе остави траги.

Ако бојата на некои места не се поклопува по сјај и текстура со бојата на остатокот од возилото, тогаш продавачот нешто крие. Особено внимание посветете околу рабовите на вратите и браниците, бидејќи тоа се местата за кои треба повеќе време и пари за да се санира оштетувањето.

Ако забележите две различни нијанси на бојата на автомобилот за кој сте заинтересирани, секогаш прашајте го продавачот која е причината. Ако не ви даде задоволувачки одговор, не го купувајте возилото.

Деловите не се поклопуваат – Панелите на вратите, браниците и вратата од багажникот треба совршено да се порамнуваат со возилото, а сите растојанија да бидат еднакви и пропорционални едни со други.

Ако наидете на дел што не се поклопува или не е во иста рамнина со остатокот од автомобилот, посветете повеќе внимание на тој дел при инспекцијата. Ако нешто не се поклопува, има причина за тоа, а најчесто причината е удар.

Напукнато стакло – Пукнатини на шофершајбната, особено ако се во аголот и потсетуваат на пајакова мрежа, може да бидат јасен знак дека автомобилот учествувал во судар. Без разлика која е причината, ова е сериозен проблем што мора да се реши пред да го купите автомобилот.

Фарови – Речиси сите модерни фарови се направени од пластика. Иако тоа заштедува на тежина на автомобилот, денес на патиштата има сѐ повеќе автомобили со замаглени „очи“.

Ако кога го гледате возилото, едниот фар е побистар и почист од другиот кој е пожолт и замаглен, бидете внимателни бидејќи тоа може да биде знак дека возилото е удрено. Во тој случај подигнете ја хаубата и погледнете под неа дали има траги на удар.

Проверете ги гумите – За ова ќе мора да се спуштите на колена и да се извалкате, но тоа е мала цена при купувањето автомобил. Ако шарата изгледа нееднакво, причината за тоа може да биде штета што ја претрпела шасијата и тркалата не биле порамнети.

Кога сте веќе таму, погледнете го долниот дел на возилото. Какви било промени на шасијата што отскокнуваат од остатокот може да бидат знак на прикривање на некаков проблем.