„Легнаа“ на сметка дел од парите за приватниците, автобусите во Шуто Оризари повторно возат

ИЗВОРТелма
|

Автобусите со број 19 и 20 денес веќе возат на релација Шутка – Центар. Парите од Град Скопје пристигнале на жиро-сметката на превозниците кои вчера се жалеа дека немаат ниту за гориво.

Резервоарите сега се наполнети, а договорена е динамиката на исплаќање на останатите пари од долгот на Градот спрема приватниците.

Од „Макекспрес“, едни од превозниците на коишто градот им должи пари велат дека утрово добиле дел од парите.

Од кабинетот на градоначалничката информираат дека е исплатена сума поголема од 20 милиони денари или над 320 илјади евра.

СЕ НАДЕВАМЕ ДЕКА ВАКВИ НЕПРИЛИКИ ВО ВРСКА СО ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ И ПОВТОРНО ИСКЛУЧУВАЊЕ НА ЛИНИИ ОД СТРАНА НА ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ НЕМА ДА СЕ СЛУЧУВААТ, ЗАТОА ШТО ИСТОТО Е НА ШТЕТА НА ГРАЃАНИТЕ, ВЕЛАТ ОД ГРАД СКОПЈЕ.

Од кабинетот на Арсовска за Телма тврдат дека во моментов се прават дополнителни анализи за сообраќајот, за да се излезе во пресрет на потребите на жителите од овој дел од градот и да се пуштат во сообраќај повеќе линии кои ќе возат на истата релација.

Луѓето од Шуто Оризари неколку дена немаа автобуски превоз и револтирани коментираа за работата на Арсовска, потсетувајќи ја дека им вети бесплатен превоз на скопјани, а не целосен недостаток на автобуси.

Петар Догов