„Макпетрол”: Граѓаните да не учествуваат во лажната наградна игра на „Фејсбук”

|

На социјалната мрежа „Фејсбук” неодамна се појави наградна игра преку корисничкиот профил „Макпетрол Македонија”.

Компанијата нагласува дека и наградната игра и споменатата интернет-страница се лажни и немаат никаква допирна точка со „Макпетрол”. Како дел од наведената игра, невистинито се наведува дека се доделуваат ваучери од 6.000 денари за гориво, за тие што ќе ја заследат лажната страница, ќе ја споделат истата и ќе остават коментар.

– Сакаме да потенцираме дека, компанијата „Макпетрол” АД има една наградна игра која се реализира под мотото „Верна – Една и единствена”, како и еден официјален Facebook профил, „Макпетрол Ultra”.

Добитниците од истата се истакнуваат на официјалните веб-страници на компанијата и програмата за лојалност „Верна”, www.makpetrol.com.mk и www.verna.mk, додека добитниците на наградите од мастер колата се објавуваат и во емисијата „Верна – Една и единствена” која се емитува на телевизија „Телма”. Дополнително, по секое извлекување среќните добитници се известуваат лично, преку телефонски разговор од официјалниот кол-центар на компанијата – истакнуваат од „Макпетрол”.

Компанијата веќе го пријави случајот кај надлежните институции, а ги советуваме граѓаните доколку наидат на вакви или слични лажни наградни игри да го сторат истото и да не ги земаат за релевантни.