Мала Богородица на 21 Септември – посебно важен за жените

|

Рождество на Пресвета Богородица (познат и како Мала Богородица), ден од најголемите празници на православната црква оваа година е на 21 септември.

Се верува сека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките, поради што жените што кои се трудни и се молат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа може да им помогне и на жените што немаат деца. Затоа жените одат во црквите посветени на Богородица и се молат пред нејзините икони.

Овој празник кај нас се слави со многу внимание како и повеќето празници посветени на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Голем број цркви низ цела Македонија го носат нејзиното име, а нејзините празници покрај со црковни свечености народот ги празнува и со народни собири, панаѓури, кои во минатото знаеле да траат и по неколку денови.

Македонскиот народ, секогаш со достојно внимание прославува неколку празници поврзани со името на Пресвета Богородица: Мала и Голема Богородица, Воведение на Пресвета Богородица, (празник познат уште и под името Света Пречиста), Благовештение, Покров на Пресвета Богородица, Собор на Пресвета Богородица и др.

Народните верувања велат дека Богородица е мајка на сите мајки. Народот верувал дека Богородица им помагала при породувањето не само на жените христијанки туку и на жените од другите вери. Постои запис од Марко Цепенков за некоја жена – Турчинка која се мачела при породувањето и вака ја викала Богородица по турски: „Ела, Муарем-ано, ела, да је поможиш на оваа сирота што се мачи и не може да роди. Поможи е, Муарем-ана, у нас (Муарем-ана ја викаат Богоројца турцки) за побрго да родит.“ Откако, пак, жената ќе родела и ќе се ослободела, бабата ќе земела метла во рацете и ќе почнела да мети низ куќата најповеќе околу родилката и ќе велела: „Бегај, Муарем-ано, бегај, оти овде турцка е куќата“. Така, вели Цепенков, верувале дека со тоа велење ќе дојдела Богородица ќе поможела и пак ќе си одела.

Исто така се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони. Така на пр. како што запишал Миленко С. Филиповиќ жените од Дебарски Дримкол што немале деца оделе во манастирот во Калишта на Охридското Езеро за да ја занишаат со прст сребрената лелејка (минијатурна лулка) што стоела пред иконата на Богородица.

На Мала Богородица, исто така, се одржуваат големи народни собири во повеќе манастири што го носат нејзиното име како што е манастирот Пречиста кај Кичево, манастирот во с. Матејче, во Осоговскиот манастир итн.