На денешен ден 31 август…

|

12.- Роден е римскиот цар Гај Јулиј Цезар Германик Калигула. Владеел свирепо, непресметливо, самоволно и со невидено расипништво од 37 до 41 година. Во 41 година бил убиен, а на негово место Сенатот за цар го прогласил неговиот чичко Клавдиј Тибериј Друз.

1688.- Умре англискиот писател и баптистички проповедник Џон Бањан. Поради држењето проповеди без дозвола на верските власти одлежал 12 години затвор.

1876.- Од власт е симнат турскиот султан Мурат Петти, а престолот го наследил неговиот брат Абдул Хамид Втори.

1908.- Роден е Вилијам Саројан, северноамерикански писател од ерменско потекло, еден од најпопуларните современи писатели во Америка. Познати негови дела се збирките раскази „Се викам Аврам, „Пет зрели круши, „Мамо, те сакам“, „Тато, ти си луд“, романите „Човекова комедија“ и „Доживувањата на Весли Џексон“, како и драмите „Моето срце е во гората“ и „Време на вашиот живот“. Умрел во 1981 година.

1924.– Кај селото Лопово на Пирин Планина бил убиен Тодор Александров. За убиството и нарачателот во историската наука постојат повеќе верзии. Тој бил македонски политички лидер и еден од водачите на ВМРО. Во 1898 година се приклучил во ТМОРО. Бил учител и раководител на месните комитети во Кочани, Виница, Кратово, Ново Село и Штип, секретар на четата на штипскиот војвода Мише Развигоров и на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев – Кочански, окружен војвода на Скопскиот револуционерен округ, член на ЦК на ВМОРО, член во Штабот на III македонска бригада во Балканските војни и во Штабот на партизанската чета на III бригада на XI македонска дивизија во Првата светска војна. По војната, заедно со Александар Протогеров и Петар Чаулев, ја обновил организацијата под името ВМРО (1919) и во 1920 ја зацврстил во Пиринскиот дел на Македонија, каде што создал организациона и воена база и оттаму ги обновил оружените четнички акции во Вардарскиот дел на Македонија. Дејствувал против политиката на земјоделската влада на Александар Стамболиски за зближување со Кралството на СХС. Го потпишал Мајскиот манифест за обединување на македонските револуционерни сили (1924), но пред убиството јавно се откажал од својот потпис. Роден бил во Ново Село, Штипско на 4 март 1881 година.

1939.– Пропаднале обидите на францускиот и британскиот премиер, Едуард Даладиер и Артур Невил Чемберлен, за преговори со германскиот водич Адолф Хитлер. Ден потоа нацистичките трупи ја нападнале Полска со што започнала Втората светска војна.

1941.- Умрела Марина Цветаева, руска писателка, една од најголемите поетеси во историјата на поезијата. Нејзини најпознати дела се збирките песни „Вечерен албум“, „Волшебниот фенер“, „Разделба“, „Занает“, како и драмите: „Жандарм херц“, „Виулица“, „Камениот ангел“, „Феникс“ и други. Родена била во Москва, на 26 септември 1892 година.

1942.– Советската армија во Втората светска војна ги исфрлила германските трупи од Букурешт, главниот град на Романија.

1944.- Албанските балисти го нападнале селото Блаце, Тетовско, и во мугрите на слободата уште еднаш ги покажале своите злодела преку палење, пљачкосување и убивање на невини жители. Со палежот на селото до темели биле изгорени 13 куќи и ѕверски убиени 12 родољуби.

1957.- Федерацијата на Малезија се здоби со независност.

1962.- Тринидат и Тобаго станале независна држава во рамките на британскиот Комонвелт.

1963.– Умрел францускиот сликар Жорж Брак. На почетокот работел во духот на фовизмот. Во 1909 година неговите слики изложени во Париз биле критикувани како кубистички. Заедно со Пабло Пикасо подоцна го создале кубизмот. Роден бил во 1882 година.

1970.- Во Скопје е роден Никола Груевски, македонски политичар. Бил министер за финансии во владата на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 до 2002 година, претседател на ВМРО-ДПМНЕ од мај 2003 година и претседател на владата на Република Македонија од 26 август 2006 до 18 јануари 2016 година. На парламентарните избори во 2016 година ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ номинално освоиле најмногу пратеници, но по постизборната коалиција на СДСМ со неколку албански етнички партии кога тие формираат нова влада, Груевски станува предводник на опозицијата во македонскиот парламент.

1973.– Умрел американскиот филмски режисер од ирско потекло Џон Форд. Форд бил автор на повеќе од 200 филмови.

1983.- Во Манила бил погребен лидерот на филипинската опозиција Бенин Акин. На погребот присуствувале повеќе од еден милион луѓе. Опозицискиот лидер бил убиен 10 дена порано на аеродром во Манила по враќањето од Америка каде што поминал три години како бегалец.

1986.– Умрел англискиот вајар Хенри Мур, еден од најголемите скулптори на 20. век. Роден бил во Кастелфорд во Јоркшир, на 30 јули 1898 година.

1986.– Умрел финскиот државник Урхо Кеконен, претседател на Финска од 1956 до 1982 година. Кеконен бил најистакнатиот фински политичар по Втората светска војна.

1992.– Регистриран е Комитетот на Хелсиншкиот парламент во Македонија со седиште во Скопје.

1994.– Трупите на поранешниот Советски сојуз и формално го повлекле военото присуство од поранешната Источна Германија. На церемонијата присуствувале претседателот на Русија Борис Елцин и германскиот канцелар Хелмут Кол.

1997.- Загинала британската принцеза од Велс – Дајана Спенсер, бившата сопруга на британскиот престолонаследник принцот Чарлс. Во истата автомобилска несреќа во Париз загинал и нејзиниот пријател Доди ел Фајед.

2003.– Кенија ја укинала забраната за дејствување на движењето Мау Мау, кое ја предводело борбата против британските колонијални власти во педесеттите години од 20. век.

2005.– Умрел британскиот физичар Џозеф Ротблат, еден од основачите на Пагвас конферецијата. За своите залагања против нуклераното вооружување бил добитник на Нобеловата награда за мир во 1995 година.

2013.- Папата Франциско го именувал искусниот дипломат надбискупот Пјетро Паролини за свој државен секретар, премиер на Ватикан и главен помошник, функција која често се нарекува „заменик папа“. Со именувањето на Паролини завршила ерата на кардиналот Тарчизи Бертоне, кој многумина го обвинувале дека не ги спречил етичките и финансиските скандали за време на папството на Бенедикт Шеснаесетти.

2014.- Во 90-та година од животот, во Скопје починала актерката Вера Вучкова – Жежељ, една од членките на иницијалниот ансамбл на МНТ кој на 3 април 1945 ја одиграл својата прва претстава „Платон Кречет“. Во таа историска претстава, Вучкова ја изговори митската реплика „Сонцето! Колку е блиску сонцето!“ Со Милчин и Стојанов, Вучкова исполнила на уште една историска театарска мисија: во јуни 1947, учествувала во основањето на Областен македонски народен театар во Горна Џумаја/Благоевград. Играла носечки ролји во сите пет претстави што овој театар ги изиграл во својата единствена сезона 1947-1948. Кариерата ја продолжила во Бугарија, каде како првенка на театрите во Благоевград, Димитровград и Бургас, играла полни 16 години. Во 1964 се вратила во Македонија, во ансамблот на МНТ, со кој настапувала и по пензионирањето во 1982-та. Во 2005 година, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ на Вера Вучкова – Жежељ и додела награда за животно дело.

2015.- На 76-годишна возраст починал Вес Крејвен, легендарниот режисер на хорор-филмови, меѓу кои „Врисок” и „Кошмарот во улицата на брестовите“. Освен на хорор-филмови, Крејвен бил режисер и на „Музика на срцето”, за кој Мерил Стрип беше номинирана за Оскар. Крејвен завршил филозофија. Тој бил, исто така, писател и издавач.