Од први јанаури кој ќе произведува над 200 литри ракија, ќе мора да се регистрира

|

Од први јанаури кој ќе произведува  над  200 литри ракија, но не повеќе од 2.000 ќе мора да се регистрира. Агенцијата за храна, пак, ќе има обврска истата да ја  провери дали е безбедна за употреба. За два дена стапува во сила новиот закон за акциза со кој, според надлежните, ќе се стави ред во производството на ракија во домашни услови.

– Со регистрирањето, инспекциските служби на АХВ имаат обврска да го контролираат нивното работење, со кое, согласно одредбите од овој Закон, операторите имаат должност да обезбедат дека во сите фази на производството, преработката и дистрибуцијата ги исполнуваат барањата за хигиена. Законот не важи за оние кои произведуваат ракија за лична употреба, туку оние кои ја произведуваат и пласираат ракијата на пазарот, се вели во дописот од Агенцијата за храна.

Од Асоцијацијата на земјоделци велат дека со новото законско решение,  граѓаните ќе знаат каква ракија купуваат, а ќе се сузбие и  сивата економија.

Со законското решение производителите  од акциза ќе бидат ослободени уште следната година, а во 2021 ќе плаќаат по 10 денари за литар ракија и секоја наредна ќе се зголемува за 10 денари. Во 2022 ќе изнесува 20  и 30 денари годината потоа. 

Ослободени од оваа обврска се сите кои произведуваат помали количини од 200 литри.