Папата на католички Бадник: Бог ги сака сите, па дури и најлошите меѓу нас…

|

Папата Франциско вчера во пресрет на Божиќ, повика 1,3 милијарди римокатолици да не дозволат пропустите на Црквата да ги одвратат од прифаќањето на Божјата љубов.

Папата служеше вечерна миса на Бадник во базиликата Свети Петар во Ватикан. Во фокусот како и обично, го стави духовното и личното значење на ноќта во која во Витлеем бил роден Исус.

„Божиќ нѐ потсетува дека Бог и натаму нѐ сака сите, па дури и најлошите меѓу нас. Можете да имате погрешни идеи, можеби сѐ сте уништиле, но Бог и натаму ве сака. Често мислиме дека Бог е добар само ако ние сме добри и дека нѐ казнува ако сме зли. Но, тој не е таков“, порача првиот човек на Римокатоличката црква.

„Што и да тргне наопаку во нашите животи, што и да не функционира во Црквата, какви и да постојат проблеми во светот, тоа повеќе нема да биде изговор. Тоа ќе падне во втор план, затоа што пред преголемата љубов на Исус, повеќе немаме изговори“, изјави тој.

Папата денес на католички Божиќ ќе ја упати својата порака и благослов “Urbi et Orbi” од балконот на базиликата Свети Петар во Ватикан.