Полицијата имала разбирање и не казнила ниту еден од граѓаните кои ги „фати“ полициски масовно заминувајќи од Скопје

|

Полицијата го следела метежот што вчера настана на автопатиштата откако голем број на скопјани заминаа од градот со цел да го избегнат полицискиот час што трае од вчера од 21:00 часот до понеделник до 05:00 часот и покажале разбирање за лицата кои биле затекнати на патарините и на автопатишната по започнувањето на рестрикцијата за движење, соопшти дополнителната министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска.

– Полицијата го следеше метежот кој настана на улиците и на автопатот и од тие причини имавме разбирање за граѓаните кои во моментот кога почна полицискиот час беа затекнати таму, со тоа што полицијата укажуваше побрзо да бидат упатени кон крајните дестинации кон кои се тргнати, односно да го почитуваат полицискиот час. Во некој период од половина час, кога беа затекнати не беа изречени мерки само беа писмено предупредени, наведе Петровска.

Полицијата, вели таа, се обидува преку патроли да го покрие колку што може повеќе просторот на градот Скопје, меѓутоа и на оние општини кои се прогласени како критични.

– Од секаков тип евиденција која постои за прекршување на полицискиот час ќе биде соодветно процесуирана и ќе бидат преземени мерки против нив. Тоа значи ако постојат докази за прекршување на полицискиот час, со подоцнежна идентификација на сторителите против нив ќе бидат преземени мерки. Полицијата во моментов е на територијата на Скопје, онаму каде што има фиксни пунктови, поставени се контроли, а останатите делови ги контролираме преку патроли, додаде Петровска.

Таа порача дека ќе бидат ригорозни во спроведувањето на мерките и ќе се трудат законот да биде спроведен поеднакво за сите граѓани.

– Апел до сите граѓани дека полицијата не може да ја замени совеста на секој од нас, рече Петровска.