Православните верници го слават Богојавление – Водици: Бог се јави, навистина се јави

ИЗВОРновлист
|

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление – Водици. Овој ден се празнува уште од вториот век. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет, што го извршува црквата на овој ден.

Во реките се положуваат крстови, а се верува дека оној што ќе го фати светиот крст ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.

Најмасовно положување на крстот се очекува да биде во Скопје и во Охрид. Во Скопје се пријавени 140 граѓани за учество на манифестацијата „Водици 2020“.

Манифестација во Скопје ќе се одржи напладне, кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе го положи крстот во Вардар од мостот кај хотелот „Холидеј ин“. Претходно, во 9 часот, тој ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“.