Првите повратни вендинг машини за рециклирање веќе во употреба во Центар

ИЗВОРНов Лист
|

Пуштени се во употреба првите повратни вендинг машини на територија на Општина Центар за рециклирање на пластични шишиња, кои се во рамки на проектот „И отпадот има вредност!“ на ЈП ПОЦ и општина Центар.

Машините за рециклирање се поставени пред бараките на општина Центар, кај слаткарница Апче, кај монтажната гаража „Буњаковец“, затворено паркиралиште „Зелен пазар“, во затвореното паркиралиште „Дом на градежници“, во ГТЦ и затвореното паркиралиште „Дилајла“ во Капиштец.До крајот на годината се очекува да бидат поставени 27 вакви машини.

Со новите вендинг машини жителите на Општина Центар ќе можат да рециклираат пластични шишиња и лименки, за што ќе добијат субвенции од Општина Центар на нивната GreenPay платежна картичка. Со GreenPay картичката жителите ќе имаат можност да учествуваат во процесот на рециклирање и да пазарат со попуст во зелената мрежа на локали кои се приклучија во овој проект – маркети, кафеани, ресторани, кафулиња и бутици.

Со рециклирањето на пластични шишиња и лименки од 0,25 до 0,75 литри жителите ќе добиваат 0,5 денари, за шишиња од 1 до 1,75 литри добиваат 1 денар, а за шишиња од 2 до 2,25 литри, 1,5 денари.

Градоначалникот на Оштина Центар изјави дека Општината ќе субвенционира средства до 12 милиони денари за жителите кои ќе се приклучат на процесот за рециклирање, со цел дополнително да ги мотивираат да влијаат во подигање на свеста за зачувување на животната средина.


Платежните картички ќе бидат достапни за сите жители на Оштина Центар и истите можат да се подигнат во катната гаража „Судска Палата“ на ЈП ПОЦ, со приложување на лична карта и барање за договор.