Се враќаат концертите со посебни мерки за заштита

ИЗВОРНов лист
|

Комисијата за заразни болести денеска на состанок го одобри протоколот за организирање јавни настани кој минатата недела го предложија претставници на Здружението на музичари и на организатори на настани, потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Во изјава за медиумите по посетата на Детската болница Козле, Филипче рече дека денеска е донесена дозвола да се организираат јавни настани со тоа што местото треба да биде пополнето не повеќе од 50 проценти од капацитет каде што ќе се организира настанот.

Филипче истакна дека предложениот протокол е солиден зашто предвидува контролиран влез на настанот, картите ќе се продаваат електронски за да не се прават редици и метеж и задолжително ќе се носат заштитни маски.

– Денеска се дозволи да се организираат настани. Капацитетот да биде пополнет не повеќе од 50 проценти на местото каде се органиизира настанот и картите да се продаваат електронски за да не се прават гужви и редици, а исто така задолжително да се носат маски. Станува збор за одличен протокол и здруженијата земаат обврска, што е за пофалба, сами да го контролираат спроведувањето на мерките таму каде што се организираат, рече министерот Филипче.