Филипче: Се затвора аеродромот во Скопје и сите гранични премини

|

Mинистерот за здравство, Венко Филипче вечерва на прес-конференција изјави дека ќе се затворат сите гранични премини, одлучила Владата.

Се затвора и Аеродромот во Скопје по 48 часа.

Претходно на прес конференција излезе и претседателот на државата кој изјави дека засега добро се справуваме, нема потреба да избрзуваме со кризна состојба на цела територија и затворање на сите гранични премини, рече предмалку на прес-конференција претседателот на државата Стево Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност.

„По двоиполчасовно заседавање членовите на Советот за безбедност денеска донесоа заклучок дека не треба да се избрзува со прогласување на кризна состојба. Ако има потреба од тоа, ѝ препорачуваме на Владата тоа да го направи. Во овој момент не е потребно да избрзуваме со прогласување на вонредна или кризна состојба на цела територија“, изјави претседателот Стево Пендаровски.

„Нема потреба од воведување кризна или вонредна состојба во овој момент. Сосема е небитно како ќе ја наречеме таа состојба. Според мерките што се преземаа можно е и во склоп на оваа правна рамка да се воведат уште неколку рестриктивни мерки во однос на движењето на граѓаните од општина во општина, и без да се прогласи вонредна состојба. Ние немаме закон за вонредна состојба. За тоа одлучува Владата. Нема потреба ниту од кризна состојба на цела територија“, рече претседателот.

По потреба Советот за безбедност ќе се состанува секој ден и ќе биде постојано мобилен и оперативен и ќе комуницира со надлежните органи. Претседателот на државата Стево Пендаровски по седницата изјави дека поставеноста на државата е адекватна на ризиците со кои сме соочени.

„На територијата на земјата доследно се имплементираат мерките на СЗО. На седницата присуствуваше министерот за здравство Венко Филипче, кој пренесе позитивни вести. Во Центар Жупа и Дебар има одлична соработка меѓу полицијата и армијата и локалната самоуправа, а особено признание им оддаваме на граѓаните на овие две општини, кои коректно ги применуваат сите мерки поради прогласената кризна состојба. Министерот информираше и за распоредување на целокупниот здравствен кадар, на сите здравствени работници“, изјави Пендаровски.

Пендаровски кажа и дека денеска со официјален допис ОБСЕ/ОДИХР ја откажа мониторинг-мисијата на изборите.