Скопски моден фестивал: Оригинални приказни од познати домашни и странски дизајнери (фото)

ИЗВОРНов Лист
|

Првото издание на настанот започна со тридневна ревијална програма во трговскиот центар Скопје Сити Мол, кадешто цел нареден месец учесниците на манифестацијата од земјата и странство, ќе ги промовираат и продаваат колекциите за претстојната сезона.

Под слоганот „The Future was Present“ деновиве се одржа официјалната премиера на Скопски моден фестивал, нова забавна манифестација за сите љубители на дизајнот, културата и уметноста, во присуство на бројна публика, претставници на медиумите, шоу бизнис ѕвезди и истакнати дејци од креативната индустрија, кои имаа единствена прилика да ги проследат ревиите на десет познати домашни и странски дизајнери во Скопје Сити Мол.

Честа да ја отвори првата сезона на настанот му припадна на сестринското трио Ангелина, Ива и Сандра Китановски. Градината што прави линија од Лувр и Конкорд е инспирација за пролетна прошетка додека мирисот на пролетно ветре, свежо печен багет и многуте столици наредени во паркот ве канат нон-шалантно…новата колекција на КТН го носи името „Тилери“. Ода кон Катарина Медичи, креаторката на оваа градина инспирирана од нејзината родна Фиренца, со бои позајмени од најубавите цвеќиња и материјал налик свилено ткаење коишто ја следат линијата на Парижанката – колекцијата „Тилери“ на КТН создаде вистински имиџ дополнет со практичната тоте торба.

Брендот за ексклузивен италијански накит SIGMA Jewelry изнуди воздишки меѓу публиката во метрополата со новата префинета колекција од злато и дијаманти за пролетната сезона. Сите дами со истанчен вкус за аксесоари, несомнено ќе се вљубат на прв поглед во раскошните сетови на ланчиња, обетки и прстени, кои му даваат исклучително благородна нота на севкупниот изглед. Како дебитанти на Скопски моден фестивал се запишаа и три студентки на престижната косовска Akademia Evolucion од Приштина, претставувајќи ги капсулните колекции „Trompe L’oeil”, „Preserved the beauty” и „Kompsotita”.

Заедничкиот настап на македонската дизајнерка Евгенија Зафировска и Теја Јеглиќ од Словенија, направи баланс помеѓу гламурот и одржливата страна на модата. Растенија, архитектура и град што се трансформира, традиционална форма и сосема нов правец, конзерваториум и канцелариски простор- симболично за влијанието на Амазон врз Сиетл e нивната инспирација за колекцијата „INSIDE“, сочинета од безвременски парчиња облека и чанти. Колекцијата ја карактеризираат острите и органските линии, изборот на материјал и рачната изработка.

Познатата грчка дизајнерка со интернационално реноме Стела Папакоста направи „хаос“ со ревијата на брендот STL Studios. Колекцијата „CHAOS 95“ е дефинирана со црвениот елемент и геометриските дезени, препоставувајќи го дизајнот и вниманието на деталите, со акцент на кроењето и еклектична употреба на материјали и наменски изработени ткаенини. Колекцијата е нослива и за мажи и жени подеднакво. Не е полово конципирана и предодредена, туку се стреми да ја надмине индивидуалноста.

Огромно внимание меѓу присутните гости и на социјалните мрежи предизвика и колекцијата „Сестри“ со потпис на дизајнерката Сара Реџиќ, чија желба е да го спои и она што наизглед е неспоиво. Нејзиниот бренд Sari Gi десет години создава уникатни и необични креации, обединувајќи ги традиционалното и модерното во исто време. Употребува рачно изработени парчиња и на тој начин ги спасува од заборав. Колекцијата „Сестри“ е една современа бајка инспирирана од секојдневните убавини на животот. Наменета е за жени кои го сакаат шаренилото и за сите модерни самовили.

Спортскиот бренд Superstacy доаѓа од Турција, има свое македонско претставништво и е најпродаван на нашиот пазар во споредба со другите држави. Главниот мотив за постоење на брендот е безрезервна поддршка на жените кон остварување на своите цели, како и одржување на здравите ум, дух и тело. Колекцијата „Break the rules” на брендот Superstacy е инспирирана од визијата за модерна жена која решително одлучува да ги промени своите секојдневни навики со цел да ја запознае подобрата верзија од себе. Да биде физички активна, да се грижи за своето здравје, но истовремено да зрачи со уникатен спортски стил.

Кралицата на модните изненадувања Стефанија Насеска прослави десет години од првата одржана ревија на истоимениот бренд, со перформанс за колекцијата „The Great“ на Скопски моден фестивал. Претставува стилски восхит кон ликот и приказ на космополитски залагања и погледи на Големиот Александар кон светот, а поради јубилејната десетка во оваа колекција има елементи од секоја претходна. Различноста и шаренилото на материјалите се инспирирани од античките мозаици. Како детали се среќаваат лавот и сонцето, а исто така преовладува белата боја, како и мноштво други заштитни симболи на македонското кралско семејство.

Албанската дизајнерка Катерина Зото, пак, на сцената ја оживеа имагинацијата за љубовна двојка која го танцува својот валцер на среќата во сала полна со свеќи. „Grandma touch“ е називот на колекцијата од десет изгледи со артистичка нота, кои ќе направат жените да се чувствуваат посебно и сакано. Фустаните во боја на вино симболизираат емоции и длабока. Колекција е романтична и сонлива и може да се наследи низ различни генерации, бидејќи нема времеска одредница. Жените на кои им е посветена оваа колекција ретко носат високи потпетици, но секогаш имаат прекрасен портрет, поради што дизајнерката ги вклопи со рачно изработени ленти за глава и машнички по кои е препознатлива во Албанија.


Ревијалнот дел на првата сезона го затвори гламурозната ревија на Емили Пишева Гоџирова, односно македонскиот бренд за висока мода Emili Exclusive Design. Елегантните и уникатни креации ја слават брилијантната женственост, нагласувајќи ја убавината и силуетата на жените. Сите вечерни тоалети се изработени од првокласни материјали и со големо внимание посветено на секој еден детаљ. Колекцијата е деликатен микс на мода и уметност, а намерата ѝ е да предизвика чувство на среќа кај дамите што ја носат. Една од нив е и водителката Анѓела Јакимовска, која зачекори на модната писта и во улога на модел за споменатиот бренд.

Скопје Сити Мол продолжува да биде епицентар на модните случувања во текот на целиот месец. Вториот дел од програмата на Скопски моден фестивал е тринеделниот изложбено-продажен салон на приземјето во трговскиот центар, каде ексклузивно можат да се погледнат и купат креациите на мнозинството фестивалски учесници, на кои им се придружија дизајнерките Моника Димова и Мирјана Јосифоска, како и брендовите Minnimal, La Dama и MNML by Nana. Oд почетокот на оваа седмица па сè до 27 март, шоурумот на Скопски моден фестивал ќе биде отворен за сите посетители на трговскиот центар, но и специјални гости од светот на уметноста и музиката, кои дополнително ќе ја прослават новата модна пролет во градот.

Главен партнер и покровител на Скопски моден фестивал е Скопје Сити Мол. Официјален автомобил на настанот новиот Porsche Taycan GTS. Поддржувачи на првата сезона на манифестацијата се: Bobbi Brown, FABUspot, Revlon Professional, Olaplex, American Crew, Stobi Winery, Arthur’s, Nine West, Adams & Friends и MG ART. Фотографиите од сите ревии се дело на Зоран Стојановски – Зонде.