Топката што го спаси Иван во Грција, била изгубена пред 10 дена од две деца на островот Лемнос

|

Целиот регион деновиве зборуваше за неверојатната случка со тројцата Македонци кои исчезнаа во морските води во Грција, како и за неверојатната среќа која ја имше едниот од нив, да најде топка во морето која му го спаси животот.

Како што објавија медиумите во Грција, токму таа топка што го спаси 30-годишниот Иван, кој 18 часа пливаше во морето кај Халкидики, стигнала во неговите раце од островот Лемнос, од каде што патувала по водата 10 дена.

Според неверојатната приказна, топката била изгубена на плажата Евгати на Лемнос на 30 јуни од две деца, 6-годишниот Танос и 11-годишниот Трифон од Солун. Тие со родителите биле на плажата за време на летниот одмор и си играле со топката додека во еден момент не ја изгубиле контролата врз неа и морската струја ја оддалечила од нив. Дури и пливач кој бил во близина се обидел да им ја врати, но без успех.

Откако беше спасен Иван, фотографија од топката што го спаси беше објавена во медиумите, па мајката на овие дечиња ја видела и препознала дека е истата топка со таа на Танос и Трифон.

Малата кожна топка, која била полуиздишана, му помогнала на Иван да остане на површината додека траеше потрагата по него на грчките служби. Таткото на 30-годишникот, заедно со градоначалничката на Касандра, Анастасија Халкија, се фотографираа со среќната топка.

Тројца македонски државјани на возраст од 25, 28 и 30 години, меѓу нив и Иван, завчера исчезнаа во морето кај Посиди откако беа повлечени од силните струи. 25-годишникот брзо беше најден од грчките служби и е во добра состојба. По 28-годишникот уште се трага.

Тројцата дошле на Халкидики да го прослават роденденот на Иван.

Извор: Сакам да кажам