Утре е строг пост – еве кој празник е според Православниот календар

|

Поради значењето на овој светец црквата овој ден го прогласила за строг пост. Утре се одбележува празник посветен на св. Јован Крстител што секоја година се празнува на 11 септември а во народниот говор се среќава под различни имиња: Св. Јован Сечиглав, Св. Јован Опсечен исл.

Иако Свети Јован е успокоен пред Пасха, празникот е поместен на овој ден зашто на овој ден е осветена црквата што над неговиот вечен дом во Севастија ја подигнале светите цареви, како што ги викал народот царот Константин и неговата мајка, царицата Елена.

Значењето на Свети Јован Крстител неговиот голем култ воопшто во христијанскиот свет оставил значајни траги и во традицијата на македонскиот народ. Па така како и другите празници посветени на овој светител и овој ден се празнува со многу внимание, со домашни, селски или поголеми свечености, со заеднички гозби и сл. Народот на овој пост држи строг пост, не јаде не само мрсно, туку и риба и зејтин.

Останало забележано дека на овој ден луѓето не јаделе ни лубеница, домати, црвено грозје и други продукти со црвена боја.
Последниот старозаветен пророк Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исус Христос во реката Јордан. Тој е наречен и Претеча што значи претходник, зашто со своето учење навистина му претходел на Исус, одел пред него, го повикувал народот на покајание и го најавувал доаѓањето на Спасителот. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети”, говорел Свети Јован додека го покрстувал народот. Многумина Јудејци доаѓале кај него за да бидат крстени, а многумина го почитувале како вистинскиот Спасител.

Јован сведочел дека Исус е синот Божји. „Тој треба да расте, а јас да се смалувам! Кој доаѓа одозгора, тој е над сите, а кој доаѓа од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото над сите е”. (Јован, 3/30-31).

Почитувајќи го како најголем пророк, Црквата му посветила неколку празници во годината. Во христијанскиот календар се празнува денот на неговото раѓање (Иванден, 7.VII/24.VI) денот наречен Отсечение главата на Свети Јован, потоа за голем празник се смета и денот кога Св. Јован го крстил Исуса во реката Јордан, Собор на св. Јован Крстител (денот по Богојавление 20/7.I.) на 24 февруари (с.с.), а на 15 мај (с.с.) Третото наоѓање на главата на Св. Јован кога таа е пренесена во Цариград итн. Така во христијанската вера Св. Јован е една од ретките личности покрај Исус и Пресвета Богородица кому Светата црква му посветила повеќе празници.
Празникот Отсечение на главата на Св. Јован Крстител е еден од петнаесетте големи христијански празници, а за подостоинствено празнување и за сочувство со страдањата на Св. Јован од страна на Светата црква одреден е строг пост.