Курир дознава: Ученик од ОУ во Скопје вперил пластичен пиштол кон соученици, средношколки се заканувале преку социјална мрежа

|

По случувањата изминативе три дена во Србија каде 13 годишен ученик усмрти 8 ученици и чувар на училиштето, а следниот ден 21 годишно момче изврши масакр убивајќи 8 и ранувајќи 14 лица, Македонија ги бележи првите инциденти.

Курир дознава дека ученик од скопско основно училиште вчера на училиште дошол со пластичен пиштол. Пиштолот играчка во еден момент го вперил кон други ученици, но потоа го предал.

Инцидентот се случил околу пладне, во училиштето кое се наоѓа на територија на Чаир. Потврда за овој настан добивме од Министерството за внатрешни работи.

-На 05.05.2023 во просториите на основно училиште на подрачјето на Чаир, Скопје, полициски службеници во присуство на родители, педагог, психолог и директорката на училиштето извршиле службен разговор со малолетник-ученик во училиштето, постапувајќи по претходна пријава од директорката на училиштето дека извадил пластичен пиштол (играчка) и го насочил кон други ученици, а потоа и го предал на неа. Известен е дежурен јавен обвинител за малолетници, велат од МВР за Курир.

Дознаваме и за уште еден инцидент кој се случил вчера во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“. Извори за Курир велат дека список со имиња бил забележан во една од паралелките, по што се јавила вознемиреност кај учениците. Во одговорот кој го добивме од МВР, е наведено дека четири средношколки објавиле содржина со закана на социјална мрежа.

-На 05.05.2023 полициски службеници од ПС Центар при СВР Скопје извршиле службен разговор со Е.Р. (18) и три 17-годишни малолетнички, сите ученички во средно училиште во Скопје, на кој присуствувале и нивните родители, по добиена пријава од вработени во училиштето дека ученичките на социјална мрежа постирале содржина со закана кон ученичка во истото училиште и други лица. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот, одговорија од МВР.

Во двата случаи вклучен е и Центарот за социјални работи.

Министерството за образование и наука вчера информираше дека почна консултации за креирање мерки и надополнување на постоечките механизми за детекција и спречување на врсничко насилство, промена на пристапот за работа со деца со асоцијално однесување, за работа со нивните семејства и слично.

Министерот Јетон Шаќири имаше средба со академски професори и експерти од областа на педагогијата, психологијата, социологијата, безбедносните науки, со цел како што рече да дискутираат што е тоа што можат да го интегрираат во нашиот образовен систем, за да превенираат несакани настани како во соседна Србија.

Отворени и активни се електронски адреси каде младите, родителите и воопшто граѓаните ќе можат да пријавуваат врсничко насилство: prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk на албански јазик.

Од МОН најавија дека процесот на креирање мерки ќе биде инклузивен и во него ќе се вклучат сите засегнати министерства, а ќе следат и средби со МТСП, МВР и Министерството за здравство.