Шефот на возниот парк во „Дурмо турс“, Ремзи Мифтари, имал само основно образование, немал ниту еден ден стручна обука или курс или каква било компетенција, а раководел и управувал со работењето на превозникот.
Ова во воведниот говор за судењето за сообраќајната несреќа кај Ласкарци, го нагласи обвинителот Дарко Јакимовски.
По налог на Ремзи, биле ставени уреди за манипулација во тахографот, а возачите ги активирале со прекинувач, за да не се прикаже реалната брзина на движење.
„За возачите да избегнат казна во тахографот биле вградени, сокриени посебни електрични инсталации, кои оневозможувале реално отчитување на тахографските ленти. Во секое време возачите со активирање на прекинувачот ја манипулирале брзината која што се отчитува“, рече во воведниот говор обвинителот.
Други возачи сведочеле дека тоа се случувало во континуитет.
По несреќата кај два автобуси биле извадени уредите за манипулација на брзината.
„Никогаш, буквално никогаш не се случило автобус да не го помине техничкиот преглед заради технички неисправности. Само во 2019 година се констатирани неисправности кај 80 автобуси кои биле на контрола“, рече Јакимовски.
Тројцата контролори во станицата за технички преглед требало да спречат воопшто автобусот да влезе во сообраќај, дополни обвинителот.
Тој рече дека автобусот возел цели 16 дена по неколку тури на ден на истата релација.
„Прашање на време било кога ќе дојде до несреќа“, рече Јакимовски.
„Возачот не бил под дејство на алкохол, замор, лекови или други супстанци и не користел телефон или друга направа за да му го одземе вниманието. Положбата му била стабилна со две раце на воланот. Фокусирано следел што се случува, но ништо не презел“, кажа обвинителот.
Обвинителот рече дека во автобусот настапила агонија, пискотници и плач.
„Будните патници биле свесни дека одат кон амбис и дека се соочуваат со смртта“, кажа Јакимовски.
„Оваа постапка не смее да биде цел самата за себе. Општеството во целина преку овој настан, мора да извлече поука“, рече на крајот од воведниот говор обвинителот.
На обвинителна клупа за автобуската несреќа кај Ласкарци седнаа сопственикот на „Дурмо Турс“ Дурмиш Белули, вработениот во „Дурмо Турс“, Ремзи Мифтари кој претходно бил осудуван, машинскиот инженер порано вработен во техничкиот преглед, Игор Ѓорѓиевски, исто така и Горан Дуковски, Јане Боваровски и возачот Маноил Трифуновски. Во судницата беа присутни и нивните адвокати, како и адвокати на оштетените.
Предметот го застапува скопскиот обвиниетел Дарко Јакимовски, а го судат Диана Груевска Илиевска и Александра Ристеска и тројца судии поротници.