Телма дознава дека судот во Приштина го ослободил Алил Демири. Демири е осуден на доживотен затвор за случајот Смилковско Езеро од април 2012-та кога беа убиени 5 луѓе. Адвокат на Демири и претставници на надлежните органи во Скопје потврдија дека бил ослободен.
Веста ја објавија и повеќе косовски медиуми. Неговиот адвокат од Косово Бесник Бериша за веб медиумот sinjali.com изјавил дека обвинителот се повлекол и дека екстрадицијата веќе еднаш била отфрлена.
„По приложените докази од одбраната и појасните аргументи дадени на рочиштето на кое беше адресирано барањето на Обвинителството за определување мерка притвор, обвинителот кој го застапуваше предлогот се повлече од барањето“, изјавил адвокатот Бериша за sinjali.com каде беше објавена и фотографија од осудениот на доживотен затвор за 5-кратното убиство.
Демири повеќе од 11 години е во бегство, а вчера беше уапсен по меѓународна потерница издадена од Македонија, како што соопшти МВР во координација на македонската и косовската полиција.