Во сојузната држава Јужна Каролина синоќа беше објавена наредба за задолжителна евакуација на жителите во крајбрежните делови на државата поради приближување на ураганот Доријан, која треба да почне денес напладне.
Наредбата ја потпиша гувернерот Хенри Мекмастер.
-Поради приближување на ураганот во крајбрежните области на државата на пладне на 2 септември ќе почне задолжителна евакуација на која се подложни околу милион луѓе, се вели во документот.
Поради приближување на временската стихија, вонредни состојби со предупредувања за силни бури и поплави претходно беа објавени во сојузните држави Флорида, Џорџија, Јужна Каролина и Северна Каролина.
Циклонот во моментов беснее се силина од петта, најопасна, категорија во северозападниот дел на Бахамските острови, каде брзината на ветриштата на некои места достигнува и 300 киломери на час, а нивото на морето е повишено и за 23 метри. „Окото“ на ураганот во саботата го промени правецот и се задржа на Бахамите повеќе од 40 часа.
Како што се очекуваше, место на Флорида, неделава на удар најверојатно ќе бидат бреговите на Џорџија, Јужна и Северна Каролина. Американските власти ги предупредуваат жителите во југоисточното крајбрежје на САД да бидат подготвени за ураганот и будно да го следат развојот на ситуацијата.
Сезоната на ураганите над Северен Атлантски Океан почнува во јуни и трае до ноември. Правилото е секој следен циклон да добива име по азбучен ред, и имињата, кои ги дава Светската метеоролошка организација, напоредно се менуваат според родот. Така, годинава ураганите ги носеа следните имиња: Бари, Шантал (Chantal) и Дориjан, а следен циклон на ред е (доколку се појави) Ерин.