Петнаесет лица се приведени, а тројца се недостапни во акција на обвинителството за организиран криминал и МВР за разбивање на три организирани криминални групи поврзани со недозволена трговија со дрога и оружје. Во текот на ноќта биле извршени претреси на 27 локации во Арачиново, Сингелиќ, Кисела Вода, Карпош и Шуто Оризари, а приведените денеска ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка а обвинителот предлага да бидат притворени.
Според информациите од истражните органи, од јули 2022 година до мај 2023 година, првоосомничениот создал осумчлена криминална група, со цел купување, држење, пренесување, продавање и посредување во неовластена продажба на кокаин, амфетамин и марихуана. Набавувал дрога од Косово и Албанија која ја криел на безбедни локации во с. Сингелиќ.
Во истиот временски период на ист начин функционирала уште една петчлена криминална група, чии членови неовластено продавале кокаин, хероин и марихуана. Првоосомничениот од оваа група бил дел и од друга криминална банда, кој заедно со уште петмина други се осомничени за неовластено држење, продавање и набавување на поголемо количество огнено оружје и муниција.
Меѓу осомничените се и сопственик и управител на стрелиште и тие нелегално продавале муниција набавена за потребите на стрелиштето, информираат од обивнителството за организиран криминал.