Неприфатливо да се користи грижата за основните права на одредена заедница како изговор за неосновани напади врз земја членка на Европската унија, реагира бугарското Министерство за надворешни работи по обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски во Советот за безбедност.
„Изјавата на Ковачевски уште еднаш јасно го покажува вистинскиот однос на Скопје кон основните вредности на ЕУ и отфрлањето на правото да се реагира на постоечките недостатоци“, посочуваат од министерството.
Велат дека секоја аналогија со страдањата на украинскиот народ во сегашната неоправдана војна на Русија е цинична и недозволива.
Во соопштението се наведува дека особено загрижувачки во изјавата на Ковачевски е сугестијата дека доколку Северна Македонија не го продолжи патот на преговорите за влез во Европската унија, тоа ќе има негативно влијание врз Албанија.
„За разлика од Северна Македонија, Албанија целосно ги отвори пристапните преговори и брзината со која ќе напредува зависи исклучиво од нејзиниот напредок во реформскиот процес. Министерството за надворешни работи ги повикува властите во Скопје да покажат политичка храброст и да започнат со исполнување на обврските што ги презедоа пред сите земји-членки на ЕУ за завршување на фазата на отворање на пристапните преговори. Одговорноста за европската иднина на Северна Македонија е во нејзини раце“, се наведува и во ставот.
Претходно денеска бугарскиот претседател Румен Радев истакна дека раководството на Република Северна Македонија може да тврди дека гради модерно мултиетничко општество кога ќе најде сила да ги вклучи сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав. Подоцна Ковачевски му возврати дека наследниците на Гоце Делчев ќе ги вклучат во Уставот сонародниците на Радев.