Изборите ќе се одржат најдоцна во септември, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ и посочи дека на 26 мај ќе има интересни одлуки, пишува белградската политика.
За неколку дена повеќе нема да бидам претседател на партијата. Тоа ќе го објаснам на големиот митинг. Ова ви го кажувам како претседател на државата, треба да знаеме во што може да оди политиката, а во што не смее. Само да го почекаме 26 мај, додаде српскиот претседател.
Зборувајќи за протестот што вчера се одржа во Белград, Вучиќ истакна дека има обврска да го почитува секој собир.
Кога ќе се соберат илјадници луѓе, без разлика кој ги организирал, морам да внимавам на нивните барања и да видам што можеме да направиме. Што се однесува до барањата за сузбивање на насилството, веќе преземаме мерки. Што се однесува до политичките барања, тоа е нешто сосема друго, бидејќи не сум сигурен дека воопшто се знае кои се барањата. Во секој случај, нема да го смениме Бранислав Гашиќ. Не ни паѓа на памет да го смениме Гашиќ кој одлично си ја врши работата. Но, можеме да направиме повеќе, да. Можеме да ја смениме целата влада и да одиме на избори. Но, тоа ќе го знаете по 26 мај, рече Вучиќ.