Граѓаните да не стравуваат и да не креваат паника, зашто стопанствениците ќе обезбедат доволно пченица и брашно, вели претседателот на Групацијата за мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора на Северна Македонија, Горан Малишиќ.
Според Малишиќ, санкциите кон Ру сија од македонска страна би биле катастрофални ако ние како држава не би имале други пазари за суровини, како што се Србија, Унгарија, Романија и Бугарија.
-Не треба да се дига паника кај населението до тој степен, луѓето треба да бидат сигурни дека нашите стопанственици ќе обезбедат доволни количини на пченица и брашно за потребите на граѓаните, а исто ги уверувам и дека Владата ќе најде начин да ги заштити, изјавил Малишиќ за МИА.
Во врска со цените, додава, новата Одлука на Владата создава поволна клима и сигурност, како за стабилност на индустријата, така и заштита од преголемо покачување или несоодветно изнудено поскапување на брашното и лебот.
Денеска престанува да важи одлуката на Владата за замрзнување на цените на основните прехранбени производи што беше донесена на 5 декември минатата година. Тогаш цените на основните прехранбени производи беа замрзнати со цената што ја имале на 1 декември 2021 година.
Од друга страна, денеска стапи во сила одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало, што минатиот вторник ја донесе Владата на предлог на Министерството за економија.
Новата одлука, во која на листата на основни прехранбени производи се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло и солта, ќе важи до 31 мај годинава.