Земјотресот бил на длабочина од 38 километри, а за околните земји издадено е предупредување за опасност од цунами
Земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала е регистриран во областа во Тихиот Океан, југоисточно од островот Лојалти во Нова Каледонија, во 2:57 часот по локално време, соопшти Геолошкиот институт на САД (USGS).
Земјотресот бил на длабочина од 38 километри.
Американскиот национален центар за предупредување од цунами соопшти дека се можни високи бранови во околните земји, вклучувајќи ги Вануату, Фиџи, Кирибати и Нов Зеланд. Предупредувањето за Фиџи набрзо е укинато.
Предупредување од цунами е издадено за бреговите на оддалеченост од 1 000 километри од епицентарот.
Агенцијата за управување со вонредни состојби на Хаваите објави на Твитер дека во моментов нема закана од цунами за Хавајските Острови.
По должината на некои брегови на Вануату можни се бранови кои достигнуваат до три метри, додека бранови меѓу 0,3 и 1 метар може да се очекуваат во Кирибати и Нов Зеланд, објави американскиот Национален центар за предупредување од цунами.
Националната агенција за управување со вонредни состојби на Нов Зеланд на Твитер објави дека проценува дали земјотресот претставува закана од цунами за Нов Зеланд.