Во спомен на Св. Кирил и Методиј е денот 24 Мај
Браќата Св. Кирил и Методиј во светската историска наука се прифатени како творци на словенската азбука и писменост, ширење на христијанството и христијанската богослужба на словенски јазик. Но исто така треба да се нагласи дека основата на современиот македонски јазик е јазикот што го ширеле солунските браќа, односно преводот на светите книги од грчки на словенски (од солунската област) јазик. Според некои историчари и универзитетски професори, овие корени се влезени и во денешниот бугарски јазик, со кирилско писмо, но нешто подоцна од создавањето на словенското писмо – глаголицата. Коренот на македонскиот и бугарскиот јазик е старословенскиот јазик, а писмото старословенското – глаголицата, она што го создале Св. Кирил и Методиј. Во Бугарија глаголицата не фатила корени и таму по 893 година се користи старословенскиот јазик со кирилско писмо.
Создавањето на глаголицата
Александар Атанасовски од Институтот за историја вели дека околу годината на создавањето на глаголицата постојат две теории, односно дека таа е создадена во 855 или 863 година. Врз основа на анализа на изворите, проф. д-р Атанасовски посочува дека првобитно азбуката била создадена во 855 година, а во 863 година била модифицирана и дооформена за потребите на Словените од Моравија. Глаголицата останала во употреба на територијата на Македонија до крајот на 11 век. Во Бугарија словенското писмо почнало да се употребува по 893 година, и тоа модифицирано, глаголицата била заменета со кирилица.
– Сите досегашни истражувачи на тоа прашање се согласни во едно – дека првото словенско писмо е оригинално дело на Константин Филозоф, инвентор на глаголицата. Користејќи ги принципите и некои битни елементи од други графички системи, тој создал ново писмо, кое верно ги предава словенските фонетски особености, а истовремено носи длабок печат на христијански симболи – посочува проф. д-р Александар Атанасовски.
Историчарот Атанасовски нагласува дека сите современи извори и познавачи на кирилометодиевската проблематика се едногласни дека Кирил и Методиј ја создале словенската азбука – глаголицата, за Словените што порано немале букви, туку со црти и рески броеле и гатале. Според проф. д-р Александар Атанасовски, тоа многу јасно се гледа од исказот на Црноризец Храбар кога вели дека „порано Словените немале писмо, туку со црти и решки броеле и гатале, зошто беа пагани… Потоа човекољубец Бог… смилувајќи се на родот словенски, го прати Константин Филозоф, наречен Кирил, маж праведен и вистинољубив, којшто им создаде триесет и осум букви“. И понатаму „ако ги прашаш словенските писмени луѓе: кој ви ги создал буквите или кој ви ги превел книгите? – тоа сите го знаат и ќе ви одговорат: Свети Константин Филозоф, наречен Кирил, тој нам буквите ни ги создаде и книгите ни ги преведе, и Методиј, брат му негов.“
Според Александар Атанасовски, старословенското писмо и старословенскиот јазик започнале да се употребуваат во Бугарија по 893 година, а подоцна тој јазик започнал да се нарекува и бугарски. Тоа значи дека во основата на тој „бугарски“ јазик влегле јазикот и писмото што биле создадени за Словените во Македонија и Моравија, а не дека писмото било создадено за потребите на Бугарите.
– Сите аргументи сведочат дека дејноста на Кирил и Методиј не била наменета за Бугарите, туку за Словените надвор од бугарската држава. Впрочем, кога Бугарите го примиле христијанството во 864-866 година, богослужбата се вршела на грчки јазик, а свештениците биле ракополагани од цариградскиот патријарх Игнатиј – вели проф. д-р Александар Атанасовски.
Атрибутите на Кирил и Методиј
Проф. д-р Тони Филипоски од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје посочува дека од анализата на најраните и најрелевантни словенски извори произлегува дека примарна атрибуција на световното име на Св. Кирил, Константин, е Филозоф.
Освен примарната атрибуција Филозоф, во врска со името на Константин – Кирил се издвојуваат уште неколку вообичаени општосветителски атрибуции. Атрибут што произлегува од неговата примарна просветителска активност и кој многу често се јавува во изворите е – „учител“. Притоа, се сретнуваат неколку варијации при употребата на предметниот епитет, како на пример: „наш учител“, „учител на сите земји“, „словенски учител“, „учител на словенски јазик“, „благоверен учител“ и „блажен учител“. Наведената атрибуција е исто така потврдена во сигнацијата на неговата најстара фрескопретстава во Охрид и веројатно бил присутен пошироко во рамките на диецезата на Охридската архиепископија, како што вели историчарот Тони Филипоски.
– Во редот на атрибуциите што се јавуваат значително често во пишаните извори покрај името на Кирил е христијанско-црковниот термин „отец“. Сосема слично како претходниот атрибут, и тој се јавува во неколку варијанти: „свет отец наш“, „нашиот блажен отец“, „блажен отец“, „преблажен (наш) отец“, „преподобен отец“, „отец Кириле“ и „наш отец Кирил“. Во редот на другите атрибуции што се јавуваат во изворите значително поретко од претходните, треба да се набројат: „нов апостол“, „мудар/премудар“, „преславен“ и „блажен – посочува проф. д-р Тони Филипоски.
Кога станува збор за Методиј, треба да се има предвид дека, со оглед на неговата двојна улога во животот, од една страна, словенски проповедник-просветител, а од друга, панонски и моравски архиепископ. Од сите познати негови атрибуции, како најраспространета во пишаните извори треба да се издвои „учител“, секако во неколку варијации: „учител“, „наш учител“, „учител Методиј“, „блажен учител“. Исто така, атрибутот учител веројатно бил присутен во раниот фрескоживопис во Охрид и пошироко во рамките на диецезата на Охридската архиепископија. Како други атрибуции што во изворите се јавуваат поретко покрај името на Методиј може да се набројат: „отец“, „наш отец“, „блажениот наш отец“, „преподобен (наш) отец“ и „блажен“.
Методиј по смртта на неговиот брат Кирил (869 г.), од папата Адријан Втори бил испратен во просветителска мисија во Панонија и во Моравија и наедно бил ракоположен за архиепископ на Панонија, а подоцна во 873 година папата Јован Осми го испратил во Велика Моравија како архиепископ на Моравија.
– Интересно е да се проследат различните варијанти на титулации што се јавуваат покрај името на Методиј по добивањето на високата црковна титула. Извесно е дека во пишаните извори, со мали исклучоци, се сретнува титулата „архиепископ“ покрај името на Методиј. Па, така, се јавуваат следниве варијанти на споменатата веродостојна титулација: „архиепископ Методиј“, „свети Методиј архиепископ“, „архиепископ на Горна Моравија“, „архиепископ моравски“, „архиепископ на Велика Моравија“, „архиепископ панонски“ „прв архиепископ“ и „архијереј“, а конкретно во Охридскиот апостол од 12 век се наведува „Методиј архиепископ моравски“ – посочува проф. д-р Филипоски од Институтот за историја.