Маријана Станојковска како матурантка заигра салса

|

Четиристотини скопски матуранти, заедно со уште илјада нивни врсници од Гевгелија, Охрид и Струга, но и со матурантите уште од педесетина градови во Словенија, Србија, Словачка, Црна Гора и Унгарија денеска точно напладне во исто време танцувајќи квадрил и упатувајќи порака за мир, толеранција, ненасилство ја означија својата нова етапа во нивните животи, а заедно со водителката Маријана Станојковска на крај заиграа салса

Четиристотини скопски матуранти, заедно со уште илјада нивни врсници од Гевгелија, Охрид и Струга, но и со матурантите уште од педесетина градови во Словенија, Србија, Словачка, Црна Гора и Унгарија денеска точно напладне во исто време танцувајќи квадрил и упатувајќи порака за мир, толеранција, ненасилство ја означија новата етапа во нивните животи, а заедно со водителката Маријана Станојковска на крај заиграа салса.

На плоштадот „Македонија“ со 15. јубилејна „Матурска парада“, учениците  од  средните училишта: „Васил Антевски – Дрен“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“, „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Здравко Цветковски“, „Димитар Влахов“, „Арсени Јовков“, „Браќа Миладиновци“, „Кочо Рацин“, „Шаип Јусуф“, „Георги Димитров“, „Панче Караѓозов“, „Јосип Броз Тито“, МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ облечени во жолти и црни маички и бели чадори уште еднаш покажаа дека далечината не може да биде пречка да ја прослават сите, на специфичен начин, својата пресвртница во животот.

На централната манифестација на Градскиот плоштад во Скопје на матурантите среќна завршница на средното образование од името на Градот Скопје како покровител, им посака Александар Трајковски.

– Добре дојдовте на ова 15 јубилејна „Матурска парада“, добре дојдовте во светот на полнолетството. Животот е полн со предизвици и препреки. Да не се откажувате од вашите идеи. Само така можете да бидете успешни во вашите кариери и животи – истакна Трајановски.

Свое обраќање имаше и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, посакувајќи им на матурантите многу среќа и успех.

– Се наоѓате пред испитот на зрелоста, на раскрсницата каде што треба да одлучите во која насока треба да продолжите. Верувам во вашата енергија и верувам дека ќе не направите среќни – порача Шаќири.

Манифестацијата беше заокружена со салса, која ја одиграа матурантите, но и оние кои го следеа настанот на плоштад.

Охридските матуранти и оваа година беа дел од убавата традиција полнолетството да го прослават со танц. Нив ги поздрави градоначалникот Кирил Пецаков, укажувајќи им дека соништата се денешните одговори на утрешните прашања.

– Верувам дека со вашата младост, позитивна енергија и стекнатите знаења ќе напредувате на вистинскиот пат, ќе напредувате на сите полиња и ќе бидете гордост за вашите родители и сите нас – рече тој.

Пецаков посочи дека успехот во животот доаѓа со јасни планови, силна желба и постојана упорност.

– Секогаш имајте нескротлива волја за нови знаења и мотив да ги истакнете личните квалитети. Верувам дека од вашата генерација ќе произлезат многу успешни професионалци кои ќе дадат огромен придонес во идниот развој на Охрид – истакна Пецаков.

Организатор на „Матурската парада“ за нашата земја е Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, во соработка со танцовиот спортски клуб „Ритам плус“.

Во изминатите четиринаесет години на матурската парада учествувале матуранти од стотина градови од земјава, Словенија, Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Романија, Бугарија, Албанија, Украина, Унгарија и Австрија и вкупната бројка на учесници надминува 450.000.

Првата Матурска парада се одржа во 2001 година во Словенија, како идеја на Томаж Амброж од Танцовата школа „Уршка“ во Љубљана.