Министерот за локална самоуправа и лидер на ЛДП, Горан Милевски си заминува од функцијата… За канал 5 вели дека несогласувањата околу францускиот предлог и уставните измени не биле причина за ваквиот тек на настаните…
Несогласувањата околу францускиот предлог и уставните измени не се причина за мојата оставка, туку чувствувам умор и затоа ја напуштам Владата по три години на функцијата– вели во телефонски разговор за Канал 5 министерот за локална самоуправа и претседател на ЛДП Горан Милевски кој најави повлекување и од двете позиции. За неговата одлука се уште го нема известено премиерот Ковачевски и затоа не сака да открие повеќе детали. Милевски оставката од министерството ќе ја депонира следната недела, а за негов наследник рече дека се уште се дебатира во рамки на партијата.
Засега, според информациите на Канал 5, еден од најсериозните кандидати за министер за локална самоуправа е поранешниот градоначалник на Скопје и екс претседател на ЛДП, Ристо Пенов.
Најдоцна до среда ќе ја поднесам оставката, откако ќе го известам официјално премиерот и ја образложам причината, како и се што е сработено досега од мене во министерството. Не е точно дека се повлекувам поради несогласувањата со коалицијата околу францускиот предлог, оставката е од лични причини и на мое место во Министерството за локална самоуправа и во партијата очекувам да застанат луѓе кои донесат повеќе енергија. – потенцира Милевски.
Раздор во партијата нема, вели Милевски и покрај тоа што во изминатите неколку месеци тој јавно кажа дека е подготвен на оставка бидејќи е против ултиматумите од Бугарија и прифатениот француски предлог. Уште во јуни изјави дека за него е неприфатливо историјата да го кочи европскиот пат на Македонија, но неговите сопартијци, двајцата пратеници од ЛДП не го делеа неговото мислење и го поддржаа францускиот предлог во Собранието. Токму пратеничката Моника Зајкова се споменува како идна претседателка на ЛДП, по двата мандати на Милевски. Таа за Канал 5 вели дека би ја прифатила лидерската задача, но одлуката ќе ја носи раководството на декемврискиот редовен конгрес на партијата. Потврди дека нејзината поддршка како дел од владејачкото мнозинство останува и за уставни измени.
За ВМРО-ДПМНЕ оставката на Горан Милевски, покажува дека владејачкото мнозинство не е обединето.
СДСМ пак со сосема спротивен став- тврдат дека односите со ЛДП и во коалицијата се на високо ниво. Коалицијата предводена од СДСМ е фокусирана на менаџирањето на енергетската и економската криза, како и процесот за преговори што ги вклучува и потребните уставни измени- одговорија од владејачката партија. Кога ќе се отвори Уставот за вметнување на Бугарите во него се уште не се знае, ниту пак како власта планира да стигне до неопходното двотретинско мнозинство. Против уставните измени се ВМРО-ДПМНЕ, Левица, како и пратеникот од власта Павле Трајанов.