Народна банка: Не се очекуваат директни, но можни се индиректни последици од случувањата

|

Треба да се продолжи со внимателно следење на ситуацијата, која се менува од час во час. Со оглед на малата поврзаност на нашата економија со економиите на овие две земји, не се очекуваат директни последици, но можни се индиректни. Најновите случувања влијаат особено на глобалните пазари на енергенси и храна, што заедно со сè поголемата неизвесност може да ги влоши изгледите за раст на европската и на светската економија, констатира на седница Советот на Народна банка (НБ).

Од централната банка денеска соопштија дека стабилноста на финансискиот систем е поддршка на домашната економија.

Според НБ, заштитните механизми во нашиот финансиски систем се соодветни и тој ќе продолжи да функционира непречено и да овозможи поддршка на економијата. Рус ки или ук раински капитал не е присутен во сопственичката структура на нашите банки, така што од тој аспект нема изложеност врз стабилноста на домашниот банкарски систем.

На седницата на Советот е констатирано дека девизните резерви се во сигурната зона и обезбедуваат доволна девизна ликвидност на домашната економија и стабилност на домашната валута.