Со субвенции од државата „Виз ер“ ќе лета до Љубљана и Луксембург, Бочварски очекува рекордна година во авиосообраќајот

|

Унгарскиот авиопревозник „Виз ер“ и ТАВ Македонија најавија нови авиолинии (до Љубљана и до Луксембург) од Скопскиот аеродром од претстојнава есен, а од декември и дополнително проширување на флотата со шести авион на својата база во Скопје. Одлуката на авиокомпанијата да додели дополнителен авион во Скопје ја поткрепува нејзината посветеност за поддршка на локалната економија, туризмот и бизнис-секторите.

Извршниот директор и офицер за операции во “Виз Ер Унгарија“,Роланд Тишнер најави и зголемување на фреквенциите на девет постоечки авиолинии на своите летови од Скопје до: Дортмунд, Бремен, Меминген, Берлин, Карлсруе/Баден-Баден (Германија), Рим Фиумичино (Италија), Брисел Шарлроа (Белгија), Братислава (Словачка) и Ајндховен (Холандија). Летови за Берлин, Ајндховен и Брисел ќе има секој ден, а ќе се лета и до Осло, а од охридскиот аеродром и до Манчестер.

 Со зголемување на нашите фреквенции на девет рути и понудените нови дестинации, имаме за цел да им обезбедиме на нашите патници неспоредлива конекција и искуства од патувањата. Би сакал да им се заблагодарам на нашите колеги од Меѓународниот Аеродром Скопје за нивното одлично партнерство како и на Министерството за транспорт и врски за поддршката во работењето со нас за изградба на подобра воздушна поврзаност на Македонија – рече Тишнер.

Генералниот директор на ТАВ македонија, Неџат Курт, овој чекор на „Виз ер“ ќе резултира со севкупен раст на скопскиот аеродром што ќе го направи уште поатрактивен избор за деловни и рекреативни патници.

Сместувањето на шестиот авион во базата е пресвртница што ја означува довербата на нашите партнери кои ни ја даваат како аеродромски оператор. Тоа ќе биде ново поглавје во нашето патување кон извонредност и ќе послужи како катализатор за понатамошен раст и развој. Со нетрпение очекуваме да ја прифатиме оваа можност и да обезбедиме исклучително искуство и за авиокомпанијата и за нашите ценети патници – истакна Курт кој најави дека се преговара за директна авиолинија и до Барселона.

Министерот за транспорт и врски  Благој Бочварски, упати честитки до ТАВ и „Виз ер“ за одлуката за проширување на својата база на авиони во земјава.

– Заеднички работиме на развој на авиосообраќајот како предуслов за економски развој на Македонија. На добар пат сме да оствариме рекордна година во авиосообраќајот. Споредувајќи со претходните забележуваме 44 % зголемување на бројот патници во 2023 наспроти 2022 година, односно 11% пораст на бројот на патници оваа година споредено со 2019 година која беше најдобра година со најголем број на превезени патници. Во овој момент може да се лета до околу 50 дестинации во Европа – истакна Бочварски.