1000 години од осветувањето на манастирот Свети Јован Бигорски

ИЗВОРновлист
|

Осветен во далечната 1020 година, Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител оваа година прославува 1000 години постоење.

Манастирот кој е дел од Дебарско-кичевската епархија, се наоѓа на патот помеѓу Гостивар и Дебар во непосредна близина на селата Ростуше, Битуше, Велебрдо и Требиште во западна Македонија.

Манастирот бил основан од страна на монахот Јован во 1020 година, а во XVI век бил разрушен од страна на отоманската власт и од целиот комплекс останал само како мала црква.

Од помениците се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој бил и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време.

Името на манастирот доаѓа поради фактот што објектот бил изграден од бигор. Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква која е посветена на Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.

Манастирот Свети Јован Бигорски надалеку е познат по својот иконостас. Него го правеле занаетчиските раце на Петре Филипов-Гарката од селото Гари, заедно со брат му Марко Филипов, Макариј Фрчковски од Галичник и Аврам Дичов со синовите Васил и Филип, од родот Филиповци од Осој, во периодот од 1829 до 1835 година, успевајќи да создадат прекрасна дрвена поставка.

Интересен податок што многумина не го знаат е дека во комплексот на манастирот е снимен македонскиот филм Мис Стон.

На 30 септември 2009 година, во манастирскиот комплекс изгоре стариот конак, горниот палат, две трпезарии, гостинската просторија, кујната, библиотеката и монашките живеалишта.

Со помош на донации уништените делови од манастирот беа повторно обновени и целосно реставрирани.